Рускиот претседател Владимир Путин одлучи да не оди во Турција на церемонијата по повод стартување на нуклеарната централа Акују. Путин ќе присуствува на настанот на 27 април преку видео врска, изјави турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган за ТРТ Хабер.
Беше планирано Путин заедно со Ердоган да ги посети провинциите погодени од земјотресот и да разговара за руско-турското партнерство на различни полиња. Но, Москва побрза да објави дека одлуката за патувањето на Путин во Турција сѐ уште не е донесена.
Во средината на март, Меѓународниот кривичен суд (МКС) во Хаг издаде налог за апсење на Путин поради сомневање за воени злосторства во Украина. Поточно, тој и детскиот правобранител Марија Лвова-Белова се осомничени за незаконско депортирање на деца од окупираните територии на Украина во Русија.
Според налогот на хашкиот суд, Путин би можел да биде уапсен во една од 123-те земји кои го ратификувале Римскиот статут, по кој работи судот. Турција го нема ратификувано овој документ и не ја признава јурисдикцијата на судот во Хаг.