Рускиот претседател Владимир Путин испрати писмо до турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган во кое му ја честита победата во вториот круг претседателски избори, што се одржаа денес во Турција. Во писмото упатено до Ердоган пишува:
„Почитуван господине Ердоган, драг пријателе, Ве молиме прифатете ги моите искрени честитки за вашиот реизбор за претседател. Победата на изборите е природен резултат на вашата несебична работа на чело на Република Турција, јасен доказ за поддршката на турскиот народ за вашите напори за зајакнување на државниот суверенитет и водење независна надворешна политика“.
Путин на Ердоган му пишува дека високо го цени неговиот личен придонес за зајакнување на пријателските руско-турски односи и заемно корисна соработка на различни полиња.
„Би сакал да ја потврдам нашата подготвеност за продолжување на конструктивниот дијалог за актуелните теми од билатералната, регионалната и меѓународната агенда. Придаваме големо значење на доследно спроведување на планираните заеднички проекти, пред се изградбата на нуклеарната централа Аккују и создавање на гасен центар во Турција. Од се срце ви посакувам нови успеси во ваквата одговорна дејност како шеф на државата, како и добро здравје и благосостојба. Искрени честитки“, напиша Путин.