Русија ја пренасочува трговијата и извозот на нафта во земјите од БРИКС, Бразил, Русија, Индија, Кина и Јужна Африка, објави рускиот претседател Владимир Путин.
Во виртуелното обраќање на форумот БРИКС, Путин ги критикуваше санкциите со кои Западот ја казни руската економија за инвазијата на Украина.
-Деловните луѓе од нашите земји мора да развиваат активности во тешки услови бидејќи нашите западни партнери не ги почитуваат основните принципи на пазарната економија, слободната трговија.
Новите санкции наметнати од политички причини се во спротивност со здравиот разум и основната економска логика. Затоа Русија активно ги пренасочува своите трговски врски и надворешни економски контакти кон сигурни меѓународни партнери, пред се кон земјите од БРИКС, рече тој.
Тој извести дека во тек се преговори за отворање индиски синџир продавници во Русија и зголемување на уделот на кинеските автомобили на рускиот пазар.
-Расте испораката на руска нафта во Кина и Индија. Соработката во земјоделството динамично се развива, рече Путин, додавајќи дека расте и извозот на руски ѓубрива во земјите од БРИКС.
Според Генералната царинска управа на Кина, увозот на сурова нафта во Кина од Русија се зголеми за 55 отсто од претходната година на рекордно високо ниво во мај, при што Русија ја замени Саудиска Арабија и стана главен снабдувач на Кина и рафинерии кои остваруваат профит по намалени цени на залихите.