Физибилити-студијата поради која „падна“ Зеќири останува тајна

Фокус го побара документот според Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер, но Владата го одби нашето барање.

by Фокус 21:32
21:32

Физибилити-студијата за трансформација на „Македонска Пошта“, поради која поранешниот генерален секретар на Владата Мухамед Зеќири заврши во притвор, бидејќи, според Јавното обвинителство, ја нарачал без тендер и ја платил повеќе од цената предвидена со договорот, останува тајна.

Согласно Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер, Фокус од „Македонска Пошта“ ја побара физибилити-студијата изработена од хрватската компанија, но од таму добивме одговор дека не располагаат со овој документ.

Владата, пак, го одби нашето барање, со објаснување дека бараната информација е „стекната или составена за истрага, кривична или прекршочна постапка, за спроведување на управна или граѓанска постапка“, па нејзиното доставување, според Владата, би имало штетни последици за текот на постапката.

По задолжително спроведениот тест на штетност беше утврдено дека со објавувањето на предметната информација, последиците врз интересот што се заштитува ќе бидат поголеми од јавниот интерес утврден со закон што би се постигнал со објавување на информацијата, се наведува во образложението.

Инаку, Зеќири неодамна доби второ продолжување на притворот од 30 дена со одлука на Кривичниот суд. Иако до второстепениот Апелациски суд поднел и гаранција дека нема да бега, сепак, изречената мерка му беше потврдена поради опасност за бегство и попречување на истрагата.

Тој е осомничен за злоупотреба на службената положба и овластување, бидејќи, според обвинителството, без спроведување на соодветна постапка за јавна набавка, склучил договор за консултантски услуги со правно лице за изработка на физибилити-студијата за „Пошта“.

За таа цел, како што пишуваше Фокус, поранешниот владин секретар склучил договор со консултантското друштво „Интерхолдинг“, чиј доминантен сопственик е хрватската компанија „Интерфинанце“, која, пак, е во сопственост на Денис Фудуриќ.

-Ниту јас лично, ниту мојата компанија не сме предмет на кривично гонење или истрага, против мене не е најавено гонење, па бидејќи не знам за што точно се работи, не можам ни да коментирам – изјави неодамна Фудуриќ за Фокус.

В.С.

Поврзани новости