Рускиот претседател Владимир Путин денес телефонски разговараше со израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху за ситуацијата на Блискиот Исток.
Путин нагласи дека Москва е подготвена да помогне во наоѓањето договорено решение за нуклеарната програма на Иран.
– Земајќи ја предвид неодамнешната ескалација на иранско-израелскиот конфликт, руската страна изрази подготвеност да стори сè што е можно за да го олесни наоѓањето договорено решение за иранската нуклеарна програма – се вели во соопштението објавено на веб-страницата на Кремљ.
Путин и Нетанјаху разговараа за различни аспекти на напнатата ситуација на Блискиот Исток.
– Руската страна ја потврди својата непоколеблива позиција во корист на исклучиво мирно решавање на проблемите и конфликтите што постојат во регионот – се нагласува во соопштението.
Се додава дека рускиот лидер особено ја нагласил важноста од поддршка на единството, суверенитетот и територијалниот интегритет на Сирија и зајакнување на нејзината внатрешна политичка стабилност преку почитување на легитимните права и интереси на сите етнички и религиозни групи на населението.
Лидерите се согласија да го продолжат дијалогот за актуелните прашања на меѓународната и билатералната агенда.