Путин го прероди Советскиот Сојуз – Дневникот на Ана Политковскаја (1)

by Фокус

Фељтонот за прв пат е објавен во неделникот „Фокус“ на 23. април 2010

Во центарот на Москва, во нејзиниот дом на „Леснаја“ 8-12, на 7 октомври 2006 година беше застрелана Ана Политковскаја. Безживотното тело на светски познатата новинарка и критичарка на владеењето на Владимир Путин, го открија соседите во 17.10 часот по руско време, во лифтот на зградата. На местото на злосторството, до окрвавеното тело на храбрата новинарка, беше најден еден пиштол и четири чаури. Политковскаја беше убиена со два истрела – едниот во главата, вториот во срцето.

Истрагата сеуште не успева да го пронајде убиецот. За мотивате, пак, на убиството, едвај некој може и да се посомнева. Политковскаја беше меѓународно позната како најнепримирената противничка на Путин и најпопуларна истражувачка новинарка во Русија. По обидот да биде отруена од руските тајни служби, таа ја напиша книгата „Путиновата Русија“. Беспоштедно критичната книга следеше по нејзиниот „Чеченски дневник“ и со месеци по издавањето беше недостапна за широката руска публика.

Она што руските власти со години не можеа или не сакаа да го постигнат, Ана Политковскаја успеа да го направи – изработи функционална Патна карта за мир во Чеченија. Можеби тоа беше еден од нејзините пресудни „гревови“, за некој да се уплаши, дека нема да може непречено да опстојува системот на манипулации, придружен со воени подбуцнувања, кој овозможуваше лесно останување на власт.

Книгата на Политковскаја „Руски дневник“, чии извадоци ќе пренесеме во неколку следни броеви, говори токму за периодот на востоличување на апсолутната власт на тогашниот руски претседател, Владимир Владимирович Путин, и го следи времето од порочните парламентарни избори одржани во декември 2003-та, на кои победува претседателската партија Единствена Русија, па се до крајот на 2005 година и последиците од кризата со заложниците во училиштето во Беслан.

Сите кандидати од кругот на Путин, најдемонстративно се молеа и се крстеа

Критикувајќи го молчењето и на Западот, како соучесништво во, според неа, опстојувањето на апсолутно недемократската фарса, при која Путин е преизбран за претседател, Политковскаја сведочи за чекорите, кои руското општество, водено од ,невидлива, рака, ги презема во насока на враќање на советскиот начин на живеење.

„Фокус“ ќе ви ги презентира почетните делови од книгата „Руски дневник“, кои се однесуваат на периодот од декември 2003-та до март 2004-та, насловени како „Гибелта на руската парламентарна демократија“, меѓу другото и затоа што описите на тогашните руски состојби неодоливо, во многу сегменти потсетуваат на сегашната состојба во една географски мала балканска земја со древно, но оспорено име, каде, исто така, се пројавува(ат) личност(и), кои би направил(е) копија на моделот на диригирани и манипулативни избори.

Книгата „Руски дневник“, покажува дека тоа води кон концентрирање на апсолутна власт во рацете на неколкумина, што може да резултира со извитоперување на смислата на парламентарната демократија и кон апсолутна неодговорност за состојбите со слободата на зборот, со човековите права и функционирањето на пазарната економија.

Читањето на книгата остава горчлив вкус, не само поради споредбите, туку и поради фактот што малата балканска земја ја нема(ше) својата „загубена совест“ – својата Ана Политковскаја.

 

ДНЕВНИКОТ:

Според пребројувањето од октомври 2002-та, во Русија живеат 145,2 милиони души, кое што не прави седмата по број на население земја во светот. Малку под 116 милиони, 79,8 отсто од населението, се самоопределуваат како етнички Руси. Имаме електорат од 109 милиони гласачи.

7 декември 2003-та

Денот на парламентарните избори, денот во кој Путин ја започна втората предизборна кампања. Утрината тој се појави пред народите на Русија во избирачката секција. Беше бодар, дури воодушевен и малку нервозен. Нешто невообичаено, затоа што во принцип е намуртен. Широко насмевнат, Путин ги извести присутните, дека во текот на ноќта љубимата му лабрадорка Кони се окучила. Владимир Владимирович многу се тревожеше, процимоли зад мажот си, госпоѓата Путин.

– Брзаме да се прибереме дома, додаде таа – нестрплива да се врати кај кучката, која непогрешливо го одбра политичкиот момент да го принесе тој дар на партијата Единствена Русија.

Истото утро, во малото севернокавкавско одморалиште Есентуки, ги погребуваа првите тринаесет жртви на терористички атентат во локален воз. Во утринскиот воз, познат како студентски, затоа што младите одат со него на училиште.

Кога по гласањето се упати кон новинарите, Путин изгледаше како да се кани да изрази сочувство на роднините на загинатите. Навистина, дури и да се извини, бидејќи државата по којзнае кој пат не успеала да ги заштити своите граѓани. Тој, пак, им рече дека бил многу среќен за кутрињата на неговата лабрадорка.

Ми се јавија едни пријатели.

– Овој пат Путин навистина го допре дното. Сега веќе рускиот народ за ништо на светот нема да гласа за Единствена Русија.

Но, кон полноќ, кога започнаа да пристигнуваат резултатите, прво од Далечниот исток, потоа од Сибир, Урал… многу луѓе се зачудија. Сите мои продемократски пријатели и познаници се изнаредија да се јавуваат едни на други, со зборовите:

– Не може да биде. Ние гласавме за Јавлински, и покрај тоа што… Некои гласаа за Хакамада.

 

НАЈЛОНСКИ КЕСИ СО ЧОВЕЧКО ТЕЛО ЗА ПРОТИВНИЦИТЕ НА ПУТИН

Следното утро веќе немаше сомненија. Русија ги отфрли лагите и арогантноста на демократите и без зборови му се предаде на Путин. Мнозинството гласаше за сенишната партија Единствена Русија, чија единствена точка во политичката програма се сведуваше на поткрепата на сегашниот претседател. Единствена Русија ги сплоти околу своето знаме руските бирократи, сите бивши функционери на советската комунистичка партија и комсомолот, вработени во безброј државни институции, и тие организирано пуштија огромни суми пари, за да и ги помогнат предизборните махинации.

Информациите, пак, кои ги добивме од различни краишта на земјата, покажуваат како ги направиле тоа. Пред избирачката единица во Саратов, една жена бесплатно раздавала вотка зад масата, со лозунгот – Гласајте за Третјак, кандидатот на Единствена Русија.

Третјак победил. Пратениците од Думата од целата област биле збришани од кандидатите на Единствена Русија, освен неколкумина, кои преминале во партијата малку пред изборите. Предизборната кампања во Саратов била обележана со насилство – неодобрените од Единствена Русија кандидати биле претепувани од „непознати лица“ и претпочитале да се повлечат од трката. Низ прозорецот во домот на еден од нив, кој ја продолжил борбата против виден кандидат на Единствена Русија, на два пати биле фрлени најлонски кеси со делови од човечко тело, нечии уши и срце.

Мнозинстото наши граѓани искрено го поткрепија фрлањето в затвор на олигархот Михаил Ходорковски

Обласната избирачка комисија отворила жешка линија за соопштенија за неправилности за време на кампањата и гласањето, но, 80 отсто од јавувањата биле обиди за изнудување на локални комунални услуги. Луѓето заплашувале дека нема да гласаат, ако водоводите и радијаторите не им бидат поправени. Тоа постигнало одлични резултати. Централното греење и водоснабдување во Заводскиот и Ленинскиот реон биле обновени. По неколкугодишно чекање, многу села во Аткарскиот реон најпосле се здобиле со електрична енергија и телефони. Тоа ги одушевило луѓето. Гласале над 60 проценти од електоратот во градот, а во областа – вкупно 53 отсто.

Предоволно за легитимирање на изборите. Набљудувачката на демократите во избирачката единица во Аркадак, забележала дека некои гласаат по два пати, еднаш во кабината, и, втор пат, кога го пополнуваат билтенот под надзор на претседателот на локалната изборна комисија. Се втурнала да заѕвони на жешката линија, но, ја фатиле за коса и ја тргнале од телефонот.

Russia_EU_538206a

 

ПОВЕЌЕ ГЛАСОВИ ОД ГЛАСАЧИ ВО ЧЕЧЕНИЈА

Вјачеслав Володин, еден од главните функционери на Единствена Русија, кандидат во Балаков, спечалил огромна изборна победа со 82,9 отсто, што е без преседан за политичар, лишен од секаков шарм и познат единствено по неповрзаните телевизиски зборови во поткрепа на Путин. Тој не декларирал конкретна политика за заштита на интересите на локалните жители. Единствена Русија добила вкупно 48, 2 отсто од гласовите во Саратовската област, без да помисли дека е нужно да објави било каква програма. Комунистите освоиле 15,7, либералдемократите (партијата на Владимир Жириновски) – 8,9, националистичката партија Родина – 5,7 отсто. Незгодно било само тоа што над 10 проценти од гласовите отишле за „Никој од горепосочените“. Една десетина од гласачите биле на избирачките места, ја испиле вотката и ги пратиле кандидатите во мајчината!

Според податоците, пак, на Националната избирачка комисија во Чеченија, територија под полна воена контрола, избројани биле над десет проценти повеќе гласови, отколку што се регистрираните гласачи!?

Санкт Петербург ја бранеше репутацијата на најпрогресивен и демократски настроен град во Русија. Дури таму Единствена Русија доби 31 отсто од гласовите, а Родина околу 14. Демократскиот Сојуз на десните сили и партијата Јаблоко зедоа само по 9, комунистите – 8,5, либералдемократите – 8 проценти. Ирина Хакамада, Александар Голов, Игор Артемиев и Григориј Томчин, демократи и либерали, одлично познати во цела Русија, ги снајде срамен пораз. Зошто?

Државните власти радосно ги тријат рацете, ц’цкаат со јазик и тврдат, дека „демократите можат да се обвинуваат само себеси, затоа што ја загубиле врската со народот“!

8 декември

До утрината најпосле стана јасно, дека додека левото крило повеќе или помалку се сочувало, ,десното, на либералите и демократите е наполно разгромено. Партијата Јаблоко и самиот Григориј Јавлински не се добраа до Думата, ниту Сојузот на десните сили со Борис Немцов и Ирина Хакамада, како и независните кандидати. Сега во рускиот парламент нема речиси никој способен да ги брани демократските идеали и да ја игра ролјата на конструктивна, интелигентна опозиција на Кремљ.

Меѓутоа, триумфот на партијата Единствена Русија не е најлошото. До вечерта веќе сите гласови општо земено се преброени и очевидно е, дека за прв пат по распаѓањето на Советскиот сојуз, Русија се однесе исклучително благонаклоно кон крајните националисти, кои им ветуваат на гласачите дека ќе ги обесат сите „непријатели на Татковината“.

Тоа, се разбира, е страшно, но навистина би можело да се очекува во земја, во која 40 отсто од населението живее дури и под нашата ужасна официјална граница на сиромаштијата. Јасно е, дека демократите немале интерес да воспостават контакт со тој дел од народот. Претпочитаа да се насочат кон богаташите и претставниците на средната класа, која беше во фаза на оформување, заштитувајќи ја приватната сопственост и интересите на новите сопственици. Сиромашните не поседуваат сопственост, затоа демократите ги игнорираа. За разлика од националистите!

И, ништо чудно што тој дел од електоратот се тргна од демократите, додека новите сопственици дезертираа од коработ на Јаблоко и Сојузот на десните сили, за да се качат на бродот на Единствена Русија уште кога забележаа дека Јавлински, Немцов и Хакамада навистина го губат влијанието во Кремљ. Богаташите се приклучија таму, каде што имаше концентрација на управници. Рускиот бизнис, кој целосно е корумпиран и ја заострува чиновничката корупција, без нив не може да вирее. Точно пред тие избори високите управници од Единствена Русија отворено изјавуваа:

– Ние имаме многу пари! Бизнисот ни даде толку, што не знаеме што да правиме со нив!,. Тоа не беа празни фалења.

Тоа беа јасни пораки, кои значеа: ,Да не не заборавите по изборите, еј!. Бизнисот во корумпираната држава е уште побескрупулозен, отколку во земјите, каде корупцијата е сведена барем до подносливо ниво.

Чуму им се веќе Јавлински или Сојузот на десните сили? За нашите новобогаташи, слободата нема ништо заедничко со политичките партии. Слободата е да одиш на страотни одмори. Колку се побогати, толку почесто летаат низ светот, и тоа не во турското одморалиште Анталија, туку на Тахити или во Акапулко. Повеќето од нив ја идентификуваат слободата со луксуз. Сега им е поудобно да си ги заштитуваат интересите со помош на прокремљските партии и движења. Повеќето од нив, пак, се дури варварски корумпирани.

За тие партии, секој проблем си има цена – плаќаш и си го добиваш нужниот закон или прашање до Главното обвинителство, поставено од пратеник во Думата. Некои дури почнаа да зборуваат за „пратеничко жигосување“. Во наше време, тоа е рентабилен начин да ги исфрлиш конкурентите од бизнисот!

 Путин стигна дури дотаму, да не извести дека парламентот не бил место за дебати

ПУТИНОВЦИ ГИ БАКНУВАА РАЦЕТЕ НА ПОПОВИТЕ

Корупцијата, исто така, го објаснува напредокот на шовинистичката „Либералдемократска партија“ раководена од Жириновски. Тоа е популистичка „опозиција“ која воопшто не е опозиција, затоа што и покрај склоноста за хистерични изблици по секакви прашања, членовите секогаш ја поткрепуваат линијата на Кремљ.

Тие добиваат солидни прилози од нашите наполно цинични и аполитични средни бизнисмени, бидејќи лобираат за приватни интереси во Кремљ и во блиски до него институции, како главното обвинителство, внатрешното Министерство, Федералната служба за безбедност, Министерството за правда и судовите. Либералдемократите го употребуваат методот на пратеничко жигосување. И минатиот, и овој пат Жириновски влезе во Думата токму така. Сега веќе располага со завидни триесет и осум места.

Раководената од Дмитриј Рогозин, партијата Родина исто така е шовинистичка организација, создадена од кремљските политички манипулатори, специјално за овие избори. Целта им беше да ги привлечат гласовите на умерените националисти од поекстремните националболшевици. И Родина помина добро, со триесет и седум места.

…Идеолошки, новата Дума беше повеќе ориентирана кон рускиот традиционализам, отколку кон Западот. Сите кандидати од кругот на Путин категорично ја тераа таа линија. Единствена Русија го поттикнуваше гледиштето дека Западот го понижил рускиот народ и водеше отворена антизападна и антикапиталистичка пропаганда. Во предизборното миење мозоци не се споменуваа поими како – вредна работа, конкуренција и иницијатива, освен во негативна смисла. Од друга страна, многу се зборуваше за „древните руски традиции“.

На електоратот му беа предложени патриотски разновидности за секакви вкусови. Родина предлагаше херојски патриотизам, Единствена Русија – умерен, а Либералдемократската партија – отворен шовинизам. Сите кандидати од кругот на Путин, најдемонстративно се молеа и се крстеа пред секоја телевизиска камера, ги бакнуваа крстот и рацете на православните попови.

Беше просто смешно, но народот задоволно ја голтна јадицата. Пропутиновските партии сега имаат апсолутно мнозинство во Думата. Единствена Русија, од Кремљ создадената партија, доби двеста и дванаесет места. За други шеесет и пет „независни“, спокојно може да се каже дека исто беа од кругот на Кремљ. Како резултат, се здобивме со „едно-и-пол-партиски, систем – голема провладина партија“ плус неколку мали партии „пијавици“ со слична идеологија!

ПАРЛАМЕНТОТ НЕ БИЛ МЕСТО ЗА ДЕБАТИ!?

Демократите се натпреваруваа да објаснат, колку е важно да воспостават вистински повеќепартиски систем. Елцин пројавуваше личен интерес кон тоа, но, сега се е загубено. Новата конфигурација во Думата ја исклучуваше можноста за сериозни противречија.

Скоро по изборите, Путин стигна дури дотаму, да не извести дека парламентот не бил место за дебати, туку за поправање на законодавната каша. И беше задоволен, дека новата Дума не е склона кон дебатирање.

Со болка треба да кажам, дека денес токму комунистичките пратеници се најумерените и разумни гласови

Комунистите спечалија четириесет и едно место како партија, плус уште дванаесет од независните кандидати. Со болка треба да кажам, дека денес токму комунистичките пратеници се најумерените и разумни гласови во Четвртата дума. Тие беа соборени од власт пред само дванаесет години, но, кон крајот на 2003-та веќе се преобразија во големата бела надеж на руските демократи!

За време на следните месеци, парламентарната аритметика донекаде се промени, откако одделни пратеници преминуваа од една партија во друга. Беа изгласани апсолутно сите закони, коишто сакаше да ги протне претседателската администрација. Иако во декември 2003-та, Единствена Русија не спечали доволно мнозинство за да го промени уставот (за што се нужни триста и еден глас), тоа веќе нема да претставува проблем. Во практика, Кремљ си „изработи“ уставно мнозинство.

Намерно го употребив тој збор. Изборите беа грижливо спроведени и планирани. Изобилуваа со нарушувања на изборниот закон и до извесен степен изборите беа фалсификувани. Немаше правна можност за нивно оспорување, затоа што бирократите веќе го завладеаја судскиот систем. Ниту една судска инстанца, дури и Врховниот суд, не издаде ниту едно решение против резултатите, колку беспорни и да беа доказите. Тоа судско санкционирање на Големата лага беше оправдано како неопходно, за да се избегне „дестабилизирањето на положбата во земјата“.

Во време на тие избори, административните ресурси на државата беа пуштени да дејствуваат точно како за време на советската епоха. Тоа се однесуваше во не помал степен за изборите во 1996-а и 2000-та, за биде избран Елцин, иако беше болен и клапнат. Овој пат ништо не можеше да ја спречи претседателската администрација.

Власта се слеа со партијата Единствена Русија со истото воодушевување како некогаш со Комунистичката партија на Советскиот сојуз (КПСС). Путин успеа така да го прероди советскиот систем, како што не направија ниту Горбачов, ниту Елцин. Лично негов успех беше воспоставувањето на Единствена Русија од аплаузите на управниците, кои со радост пристапија во новата КПСС!

На руските избирачи им недостигаше Големиот брат, откако не слушнаа ништо утешително од демократите. Немаше протести.

Предизборните лозунзи на Единствена Русија, украдени од комунистите, трубеа дека богатите крвопијци го украле националното богатство и не оставиле во партали. И, се покажаа толку популарни токму затоа што тие лозунзи сега не ги размафтуваа комунистите.

Треба да се каже, исто така, дека во 2003-та, мнозинстото наши граѓани искрено го поткрепија фрлањето в затвор на олигархот Михаил Ходорковски, раководител на компанијата за петрол „Јукос“, како резултат на напорите на членовите на Единствена Русија. И покрај тоа што манипулирањето со државните административни ресурси за политички цели, несомнено е престап, политичарите добија општествена поткрепа. Администрацијата просто не остави ништо на случајноста!

 9 декември

Рано утрото, во емисијата „Слободно слово“ се собраа политички коментатори, за да ги оценат настапувачките резултати. Сите беа нервозни. Игор Бунин говори за кризата на рускиот либерализам, за тоа дека среде предизборната кампања аферата „Јукос“ одеднаш кренала бран на антиолигархиски расположенија. Зборуваа за омразата, натрупана во срцата на многу луѓе, „особено на чесни луѓе“ коишто не можат да се натераат да го поддржат Жириновски, и за тоа дека еклектичната партија Единствена Русија успеала да ги обедини буквално сите – од најголемите либерали до најекстремните реакционери. Бунин претскажа дека претседателот сега ќе ги замени либералите во управувачката елита!

По неколку месеци, Вјачеслав Никонов ќе се преврти во жесток апологет на Путин. Меѓу политичките коментатори имаше многу такви „преобразувања“

Во истата емисија, Вјачеслав Никонов, внук на Молотов, допушти дека младината не отишла да гласа и дека тоа е главната причина за поразот на демократите. Иван Грозни и Сталин се повеќе по вкусот на рускиот народ,.

Вечерта настроението на телевизијата беше траурно, со претчувство за надвисната бура. Коментаторите во студиото како да беа понаклонети да бараат алиби, отколку да се борат. Георги Сатаров, бивш советник на претседателот Елцин, изјави дека овој резултат всушност е „носталгично гласање“ на луѓето, кои тагуваат за СССР. Демократите беа подложени на масовен отстрел. Писателот Василиј Аксјонов изрази незадоволство од тоа што либералите не успеале да ги исползуваат валканите истории околу аферата „Јукос“. И беше наполно во право. Демократите не зазедоа никаков став по прашањето на Ходорковски.

НТВ наскоро ќе ја симне од етерот „Слободно слово“. Путин вака го коментираше тоа: „Кому му треба ток-шоу за неуспешни политичари?“. Несомнено ги имаше предвид Јавлински, Немцов и другите победени либерали и демократи.

По неколку месеци, Вјачеслав Никонов ќе се преврти во жесток апологет на Путин. Меѓу политичките коментатори имаше многу такви „преобразувања“. На каде одиме, од тука натаму? Нашите слободи ни се даруваа од горе и демократите само трчаа во Кремљ за гаранции дека нема да ни ги одземат, т.е. го признаваа правото на државата да го регулира либерализмот. Постојано правеа компромиси и сега веќе немаше кон кого да се свртат.

(продолжува следниот петок  „Kонтролираната демократија на Путин“)

Поврзани новости