Полемика (3): Вистинското прашање од Втората светска војна

by Фокус 09:32
09:32

Пишува
Љубчо ГЕОРГИЕВСКИ

Повод:
ВМРО длабоко се пасивизира во времето на НОБ“, колумна на Стојан Андов, „Фокус“ бр. 932 од 16 август 2013 г.

- Advertising -

Илинденците се бореа во НОБ − ВМРО беше со фашистите!“, реaкција на генерал Тодор Атанасовски, „Фокус“ бр. 939 од 4 октомври 2013 г.

Како редовен читател на вашиот весник „Фокус“, со внимание ја следам полемиката меѓу господинот Стојан Андов и генерал Тодор Атанасовски за улогата на ВМРО во време на Втората светска војна. Аргументите што беа изнесени се веќе добро познати од официјалната југословенско- македонска комунистичка историографија.

Но, моето писмо не е да полемизирам за улогата на ВМРО. Она што сакам е да ги замолам, поттикнам или да ги охрабрам овие двајца ценети колумнисти и познавачи на македонската политичка историја, да ми дадат едно друго објаснување, за што многу малку може да се прочита во Македонија.

Вистинското прашање од Втората светска војна, за кое сѐ уште немаме добиено објаснување, според мене, е следното: Зошто македонските комунисти, веднаш по бугарската окупација едногласно се отцепија од КПЈ и се приклучија на БКП?

Дали тоа беше лична и приватна одлука на претседателот Методија Шаторов – Шарло или, пак, тоа беше едногласна одлука? Зошто македонското партизанско движење беше најслабо во споредба со сите социјалистички републики на Југославија, за што многу често ни се потсмеваа?

Зошто, и покрај смената на првиот состав на пробугарските ориентирани комунисти, имаше потреба КПЈ да испрати инструктори за да го организираат револуционерното движење во Македонија, од кои најпознат беше Темпо?

Зошто истиот тој Темпо, во голем број свои изјави и писмени и документирани телевизиски емисии, македонските комунисти многу често ги карактеризира со епитетот пробугарски и дека многу често ги чувствувал како непријатели?

Зошто Темпо изјави дека од Штип на исток воопшто не постоело револуционерно движење?

Зошто Душан Чкребиќ, кој е истакнат српски комунист, во еден телевизиски настап на РТС изјави дека неговиот партиски колега Лазо Колишевски спречил македонските комунисти целосно да се приклучат кон бугарската комунистичка партија, со што дефинитивно Македонија неповратно ќе станела дел од бугарската држава?

Ова се само дел од прашањата кои се надевам дека овие две ценети личности нема да ги доживеат како провокација, туку навистина сакам да го прочитам нивното видување за овие настани.

На таа тема можам да го надоврзам и прашањето: зошто во Првата светска војна, целата македонска левица доброволно се вклучи во поддршка на бугарската окупација на Македонија? На пример, Ѓорче Петров беше назначен за бугарски градоначалник во Прилеп, а Димитар Влахов за бугарски градоначалник во Призрен.

Или, пак, добро е да се објасни зошто 95 отсто од членовите на ВМРО Обединета, за кои е малку познато дека беа целосно лево ориентирани, во исто време беа членови на Бугарската комунистичка партија?

Поврзани новости