Фељтонот за прв пат е објавен во неделникот „Фокус“ пролетта 2010. Петиот дел може да го најдете на овој линк.
Последниот дел од нашиот фељтон почнува со првите реакции по трагедијата на 6 февруари 2004-та, кога во 08.32 наутро избувна бомба во московското метро. На место загинале 30 души, уште 9 починале од изгореници, 140 биле ранети.
Од тунелот излегле над 700 души, сами се евакуирале, без каква и да е помош. Власта, која се јави дури по цели два часа, без цврсти докази го впери прстот кон чеченска врска за атентатот. Ако тоа е точно, смета Центарот за човекови права Меморијал, тогаш трагедијата е потполно очекувана и причината за неа лежи во откажувањето на руските раководители, да преземат какви и да е чекори кон реално, а не чисто декоративно, политичко уредување на конфликтот, кое само ја зацврстило позицијата на екстремистите.
Според Меморијал, бруталните дејствија на федералните сили во Чеченија придонесуваат стотици илјади луѓе одамна да живеат во смртоносни услови, прогонети и исфрлени надвор од цивилизираниот живот. Илјадниците понижени, чии роднини и пријатели биле убиени, киднапирани, физички и психички осакатени, претставуваат извор за наоѓање атентатори-самоубијци и извршители на терористички акции. Додека царуваат хаосот и стравот, Москва и Русија ги чека уште еден шок: мистериозното исчезнување на претседателскиот кандидат од кој Путин најмногу се плашеше!
6 февруари
Малкумина се претставниците на државната власт, кои продолжуваат да се обидуваат да мислат. Генерал Борис Громов, губернатор на Московската област и херој на Советскиот сојуз за неговата служба во Авганистан, вака го коментира случајот:
„Кога слушнав за атентатот во метрото, првата мисла ми беше дека сето тоа започна уште во Авганистан“.
Решението на раководителите на СССР, да пратат војски во Авганистан, беше крајно неодговорно, како и подоцнежното решение на раководителите на Русија да пратат војски во Чеченија. Ете, вакви се плодовите на тие решенија. Рекоа дека ќе се спротивстават на бандити, но, затоа сега страдаат потполно невини луѓе. Тоа ќе продолжи уште долго време,.
ТЕРОРИЗМОТ Е БОЛЕСТ НА ЛИБЕРАЛНАТА ДЕМОКРАТИЈА!?
Државните телевизиски канали продолжуваат да им ги полнат главите на луѓето со тоа дека тероризмот е болест на либералната демократија – Штом сакаш демократија, треба да очекуваш атентати. И, којзнае зошто го забораваат фактот дека последните четири години на власт е Путин.
И покрај атентатот, Путин води разговори со претседателот на Азербејџан, Илхам Алиев, кој е во Москва, и патем споменува:
„Не би се изненадил, ако тоа се исползува во предизборната кампања како средство за укажување притисок врз сегашниот шеф на државата. Пред очи ни е очигледно совпаѓање меѓу атентатот и предлагањето од странство планови за мир во Чеченија. Неприфаќањето да водиме какви и да е преговори со терористи…“!
Какви преговори? Атентатори-самоубијци се креваат во воздух. Тој беше неспокоен, очите му скокаа наваму-натаму, издаваа хистеричен човек, кој не знае што да прави.
Во следните неколку дена ќе тече проверка на списоците со потписи за претседателските кандидати., кои не се предложени од партии: Иван Рибкин, бивш раководител на Советот за безбедност на Руската федерација, Сергеј Глазиев, лидер на партијата Родина, и Ирина Хакамада.
Поведението на властите покажува дека од нив тројцата, најмногу им е страв од Рибкин, макар што статистичките истражувања му даваат речиси нула проценти. Претседателот на Централната изборна комисија, Александар Вешњаков, уште пред пребројувањето на потписите изјави дека, според претходната проверка на списоците, 26 проценти од потписите на Рибкин се невалидни – не се 27, не се ни 24,9 отсто, затоа што по законот, ако бројот на невалидните потписи натфрли 25 проценти, комисијата може да се откаже да го регистрира кандидатот. Луѓето се смеат и се шегуваат, дека барем не се 25,1 отсто!
Но, каде е предизборната кампања? До сега не се гледа ништо. Евентуалните кандидати не брзаат да изјават дека учествуваат на избори, а повеќето не брзаат да ги добијат. Тоа очигледно не вознемирува никого, ниту кандидатите, ниту нивните приврзаници.
Што се однесува до кандидатот број 1, тој не се обидува да се бори, спори и да победи. Кремљ успеал да ги убеди сите, дека не можат да го победат заговорот, уверена е Ирина Хакамада. „Не се води отворена борба.Никој не верува дека има смисла“.
Партијата Родина ги продолжува внатрешните кавги. И тие не сакаат да ги добијат изборите. Дмитриј Рогозин, кој е и заменик-претседател на Државната дума, дури објави дека ќе го поддржи Путин на изборите, а не Глазиев, копретседател на неговата сопствена партија!?
Двајцата изгледаат како чудно друштво. Се замислуваат ли воопшто за нивните приврзаници? Даваат впечаток како да не им е важно мислењето на избирачите и дека сите решенија ќе ги донесат, без да се консултираат со нив. Рогозин дури повикува претседателските избори да се одложат и да се објави вонредна состојба поради атентатите.
Путин е нервозен пред новинарите во странство
7 февруари
Во Москва открија пет нови центри за дарување крв. Има итна потреба од крв од сите групи за сто дваесет и осумте жртви од атентатот, кои се хоспитализирани.
Но, каде се детекторите за експлозиви во метрото? Каде се патролите? Ние, Русите, по раѓање сме неодговорни, само гледаме заговори против нас. Никогаш не правиме напор да довршиме нешто, просто веруваме во успешен и среќен крај. Милицијата проверува пасоши во метрото, но, терористите несомнено се погрижиле документите да им се во ред.
Милиционерите фаќаат некаков гладен Таџикистанец, кој не може да си најде работа во татковината и дошол да ја копа нашата замрзната земја, затоа што ние не сакаме да ја копаме. Го одделуваат од неговите последни сто рубљи и го пуштаат да си оди. Каде се силите за безбедност, од кои би требало да се побара одговорност за успехот на атентатот? Илјадници полугладни на редовно отслужување на воената обврска во внатрешните војски, доведени се да ја чуваат Москва. Убаво. Барем ќе добијат дневници и ќе можат да се нахранат. Барем нема да се во касарните.
Само што таквите „мерки“ се без резултат. Штом луѓето го подзаборават кошмарот, се ќе си тргне по старо. Писателот и новинар Александар Кабаков коментира:
„Ние сеуште сме живи само затоа што организаторите на тие атентати не располагаат со доволно луѓе да ги извршат. Но, зошто организаторите на атентати сеуште се живи… Видете, тоа е сосема друго прашање“.
Путин не го отпушти директорот на Федералната служба за безбедност (ФСБ) Патрушев. Тој му е личен пријател. Уште колку атентати треба да успеат, за да го натераат претседателот да подразмисли дека неговото пријателче не го бидува за таа работа?
КАДЕ Е ИВАН РИБКИН?
Исчезна Иван Рибкин. Најпосле малку предизборна возбуда: еден од кандидатите го нема. Жена му се избезумува. На 2 февруари Рибкин многу сурово го критикува Путин и сопругата е убедена дека тоа е причината. На 5 февруари, Ксенија Пономарјова, координаторка на иницијативната група, која ја поднесе кандидатурата на Рибкин, предупреди дека против него се подготвува „засилена саботажа“.
Членовите на неговиот предизборен штаб во продолжение на цела недела добивале сведоштва од провинцијата за неофицијални распити на приврзаници на Рибкин. Милицијата ги посетувала домовите на луѓето, кои собирале потписи, ги распрашувала и земала доказни материјали.
Се интересирале, зошто го поддржуваат Рибкин. Во Кабардино-Балкарија студенти, кои собирале потписи, биле заплашени дека милицијата ќе ја извести универзитетската администрација и ќе размисли дали треба да им дозволат да го продолжат студирањето.
9 февруари
Се уште не се установени подробности, ниту каков тип бомба експлодирала во метрото, ниту каков е составот на експлозивниот материјал. Како и после Норд-Ост, Путин постојано повторува дека не е виновен никој во Русија. Се било подготвено во странство.
Прогласен е ден на жалост за загинатите, но, телевизиите речиси не го почитуваат. Гласната поп музика и веселите реклами го тераат човека да се срами. Сто и пет души се уште се во болница.
Рибкин уште го нема. Генадиј Гудков, заменик-претседател на Комисијата за безбедност во Државната дума и бивш полковник од ФСБ, дозволува да се разбере дека Рибкин е жив и здрав. Но, тогаш, каде е? Нема ли државата специјални задолженија кон кандидатите за претседател?
Жена му Албина Николаевна тврди дека е киднапиран. Пресненското реонско обвинителство неочекувано почнува истрага по член 105, убиство со предумисла, но, Главната дирекција на внатрешните работи тврди дека има основана причина да се претполага дека Рибкин е жив. Час подоцна, Пресненското обвинителство се откажува од истрагата по заповед на Главното обвинителство. Што се случува?
Политичките коментатори се еднодушни, дека е создадена вештачка слика за натпревар, за да не се претворат изборите во целосна фарса, што ќе се случеше ако единствените опоненти на Путин беа мајстор за мртовечки ковчези и телохранител. Ризик од нула проценти, нормално, но, доста вознемирувачки. Несомнено, токму затоа во крајна линија ги регистрираа сите и решија дека се невалидни само 21 отсто од потписите на Рибкин, макар што претходниот ден објавија дека се 26. Единствена непредвидена околност е исчезнувањето на Рибкин.
Завршено е и со бојкотот на изборите, што го предлагаа либералите и демократите. Тие и не се обидуваа особено настојчиво.
10 февруари
Во Москва се погребани уште тринаесет од загинатите во метрото. Дваесет и девет души остануваат во критична состојба. Жртвите се зголемија на четириесет – во текот на последното деноноќие почина уште еден ранет.
КИДНАПИРАНИОТ КАНДИДАТ ВЕЛИ ДЕКА ДВА ДЕНА САМО СЕ ОДМОРАЛ!?
Го најдоа Рибкин. Исклучително чуден случај. Попладнето тој го наруши радиомолчењето и соопшти дека е во Киев. Рече дека едноставно бил на одмор со пријатели и дека на крајот на краиштата имал право на личен живот! Ксенија Пономарјова веднаш даде оставка како шефица на неговиот предизборен штаб. Жена му е во шок и одбива да разговара со него.
Доцна вечерта, тој долета во Москва од Киев – изгледаше полумртов, а не како човек кој добро се одморил. Рибкин подвлече дека било потешко отколку преговори со Чеченците. Носеше женски очила за сонце и беше чуван од огромен телохранител.
„Кој ве киднапираше?“ – го прашаа, но одговор немаше. Тој одби да зборува и со истражителите од обвинителството, кои го бараа. Додека Рибкин беше во авион за Москва, жена му даде интервју за информативната агенција Интерфакс.
„Ја сожалувам земјата, чии раководители се такви луѓе“ – изјави таа.
Подоцна беше соопштено дека е можно Рибкин да ја повлече кандидатурата.
Во Санкт Петербург скинхедси ја прободеле и убиле деветгодишната Хуршеда Султанова, близу до станбениот блок во кој живеела. Татко и, триесет и петгодишниот Таџикистанец Јусуф Султанов, долги години работел во Санкт Петербург. Додека вечерта ги прибирал децата од лизгалиштето во Јусупов парк, неколкумина агресивни младинци тргнале по нивните пети.
Ги нападнале непосредно пред нивниот блок. Хуршеда била прободена единаесет пати и умрела на место. Единаесетгодишниот внук на Јусуф, Алабир, избегал и се скрил под една паркирана кола. Момчето раскажува дека скинхедсите продолжувале да ја бодат Хуршеда, додека не се увериле дека е мртва. Се дереле: „Русија на Русите“.
Семејството Султанови не се нелегални имигранти. Официјално се регистрирани како жители на Санкт Петербург, но, фашистите не ги интересираат нивните документи. Кога си дозволуваат да исфрлаат пароли за решителни мерки против имигрантите и гастарбајтерите, раководителите на Русија преземаат одговорност за таквите трагедии. Брзо после настанот задржуваат петнаесет души, но, ги ослободуваат. Мнозина од нив се покажало дека се чеда на службеници од санктпетербургските органи на редот.
Денес 20.000 санктпетербургски младинци членуваат во неофицијални фашистички или расистички организации. Санктпетербургските скинхедси се меѓу најактивните во земјата и постојано напаѓаат Азарбејџанци, Кинези и Африканци. Никој не е казнет, затоа што самите органи на редот се заразени со расизам. Само да го исклучиш диктафонот и почнуваат да ти објаснуваат дека ги разбирале скинхедсите, а, што се однесува до оние црнчишта… и така натаму, и така натаму. Фашизмот е во мода.
11 февруари
Продолжува сапуницата „Кандидатот Рибкин“. Тој дава се постресувачки изјави, на пример:
„Оние денови ја преживеав Втората чеченска војна“. Никој не му верува. Зевзеците го поставуваат прашањето:
„Зарем човекот нема право на два дена личен живот во Киев?!“.
До сега Рибкин ја имаше репутацијата на педантен човек, кој не е склон кон безумија, исклучително одговорен, умерен пијач.
Двата дена во Киев, се крајно нетипични за него. Тогаш, што всушност се случило во Украина? И, навистина ли се случило таму? Рибкин раскажува дека откако исчезнал, извесно време бил во „Горска шир“ во Московската област, одморалиште на претседателската администрација. Го зеле оттаму и кога одново бил во состојба да се ориентира, се нашол во Киев. Освен тоа, тврди дека луѓето во чија власт се наоѓал, го принудиле да се јави во Москва од украинската престолнина и безгрижно да дрдори за неговото право на личен живот.
Само во Русија министрите се радуваат кога ќе ги сменат
Тогаш, што се случило? Аферата Рибкин не е истражувана, затоа еве ја мојата претпоставка:
Како што знаеме, Путин откажа да учествува во јавни дебати, повикувајќи се на тоа дека јавноста божем знаела за кого гласа. Лошо оправдание. Претседателот не го бидува во дијалозите, особено за непријатните прашања. Тоа се гледа кога патува во странство и администрацијата не е во состојба да им ги запуши устите на репортерите. Новинарите му поставуваат прашања, кои тој ги оценува како непријатни и ја губи контролата врз себе. Претпочитаниот од него жанр, е монологот, со претходно подготвени насочувачки прашања.
Допуштивме политичкото небо да се конфигурира така, што сега имаме само еден светилник. Тој е непогрешлив и се радува на супервисок рејтинг, кој изгледа апсолутно неранлив, освен од самиот човек и од неговото темно минато.
Но, во неделата пред 5 февруари, од збирштината кандидати, накитена од Кремљ, отскокна Рибкин и ѕвездите почнаа да алудираат за компромитирачки материјали, кои го дискредитираат светилникот и неговото славно минато, за што очигледната претпоставка е дека Рибкин ќе открие дел од него. Уште повеќе, тој ја има дрскоста да го карактеризира Путин како олигарх, потполно неочекувано тврдење, бидејќи во својата предизборна кампања нашиот светилник им укажува на луѓето колку лоши се всушност олигарсите, кои „не се на наша страна“.
БИВШИТЕ КОЛЕГИ ОД КГБ СОРАБОТУВАЛЕ ВО КИДНАПИРАЊЕТО И ОПОЈУВАЊЕТО НА РИБКИН
Рибкин почнува да му дава на нашиот претседателски кандидат број 1 основа за сериозна тревога. Уште повеќе, зад грбот му се наѕира сенката на Борис Березовски. Можеби навистина знае нешто.
Во неделата пред киднапирањето, Рибкин заличуваше на истрелана ракета со бојна глава, наполнета со материјали, кои сериозно ќе му наштетат на Кремљ.
Но, за што може да се однесуваат тие? Токму затоа било наложено да се употребат психотропни супстанци, кои во наше време се толку усовршени, што човек не може да се контролира и издрдорува се што знае.
Главниот извор на информацијата е самиот Рибкин, а не луѓето околу него – не неговиот штаб, туку неговиот сопствен мозок. Ете зошто му го исклучиле, додека буричкаат во него. Самиот Рибкин најверојатно нема претстава што им кажал оние денови, ниту, пак, кому кажал.
Потоа „Горска шир“, осамено место, удобно затворено за надворешни лица, Киев, а после неговото појавување – компромитирањето со дрската изјава, како резултат на што неговата сопствена жена се вознемири и се остави да биде употребена со давањето интервју за официјална информативна агенција.
Да ги анализираме подробностите, елементите на операцијата. Фактот дека Рибкин бил одведен во одморалиштето „Горска шир“, докажува дека претседателската администрација била запозната со неговото киднапирање, исто како и ФСБ. Секретаријатот на претседателот одамна се смета за пододдел на ФСБ.
Тие две служби се главното раководство на Русија и не само што работат рамо до рамо, туку и функционираат како едно цело. Освен тоа, на Гудков му се испушти дека Рибкин бил виден во Горска шир и дека брзо ќе се врати – заменик-претседателот на Комисијата за безбедност очигледно или ја добил информацијата од стари познаници, или таа истекла до него. Веднаш откако Гудков се раздрдори, управата на одморалиштето можеше да негира дека Рибкин бил таму.
И тој навистина не бил таму. Веќе му го организирале враќањето преку Киев. Важен детаљ е дека кандидатот за претседател тајно е префрлен од Русија во Украина. Нема гранични или пасошки сведоштва дека ја минувал границата. Технички, тоа е потполно возможно – и во границата има дупки и не е тајна дека за да се избегнат непотребни средби со чиновници, кои инаку би требало да ги поткупат, украински гастарбајтери влегуваат со колите по тие патишта, кои се доволно големи за автомобилски сообраќај.
Но, интересен во случајот Рибкин не е начинот на неговото префрлање преку граница, туку фактот што е префрлен од одморалиштето на секретаријатот на сегашниот претседател на Руската фердерација во ВИП апартмани во Киев, контролирани од сегашниот претседател на Украина. Леонид Кучма е близок со администрацијата, затоа што е соучесник во нејзините политички злосторства, и, во замена на тоа, ние спокојно би можеле да го извлечеме на сличен начин, ако некогаш му притреба помош.
Тоа е причината, зошто власта ја развива Заедницата на независните држави – за да не ги направи границите претерано цврсти, затоа што тогаш бившите колеги од КГБ на СССР нема да можат да ги спроведуваат заедничките специјални операции, како тука, така и таму.
Сега да преминеме кон личностите. Кој би можел да даде наредба за истргнување на информација од Рибкин после исклучувањето на неговиот свесен разум? Кој добива со тоа? Нашиот светилник, нормално. Такви криминални дела, гарнирани со психотропни супстанци, се разигруваат, затоа што еден кандидат, кој случајно е сегашниот претседател, едноставно не е способен да учествува во предизборни дебати, да води дискусии, покажува ирационален страв од опозицијата и нешто повеќе, поверувал во своето месијанство. Не сме толку глупави, па да поверуваме дека Рибкин избегал од жена си.
По се изгледа, тој располагал со релативно скромен компромитирачки материјал. Сапуницата немаше повеќе епизоди. Сите заборавија за него, вклучувајќи го Путин. Крајниот резултат, од витално значење за едно општество без алтернативи, беше неуспехот на Рибкин јавно да му се спротивстави на режимот.
12 февруари
Рибкин продолжува да дрдори. Одлетал во Лондон, за да се консултира со Березовски. Изгледа дека решил јавно да го доврши политичкото самоубиство. Зошто во Русија е толку лесно да ја победиш демократската опозиција? Проблемот е во самата опозиција.
Не дека она против кое се борат е толку силно, и покрај фактот што и тоа е решавачки фактор. Главната причина е дека на опозицијата и недостига непоколеблива решеност за борба. Березовски е обичен комарџија, а не борец. Не се борци и оние, кои се споредуваат со него. Немцов само си игра играчки, а Јавлински секогаш изгледа како нешто да го навредило.
Александар Литвиненко во Лондон и Олег Калугин во Вашингтон, бивши офицери од КГБ/ФСБ, кои добиле политичко уточиште на Запад, претпоставуваат дека во случајот Рибкин е употребена психотропната супстанца СП-117.
Ја употребувале контраразузнавачките оддели на ФСБ и контратерористичките подединици, но, само во исклучителни случаи и против „важни субјекти“. СП-117 е серум на вистината, кој влијае врз конкретни делови од мозокот и човек губи власт врз разумот, па кажува се што знае.
Според Литвиненко, кога некој е под дејство на СП-117, можеш да правиш со него што и да посакаш, а тој нема да може да се сети подробно, ниту да објасни сврзано што се случило, со кого се сретнал и за што разговарале. СП-117 има две состојки, активна и противдејствувачка. Прво се дава активната. Во каков и да е пијалок се истураат две капки и петнаесетина минути откако ќе го испие, жртвата наполно ја губи власта врз себе, можеби за неколку часа.
Ефектот може да се оддолжи со давање дополнителни мали количества од активната состојка. Кога ќе се добие нужната информација, жртвата добива антидот, две апчиња, растворени во вода, чај или кафе, и по десетина минути се враќа кон нормалната состојба. Се набљудува полна загуба на умот. Човек се чувствува пропаднат. Ако серумот се дава во тек на неколку дена, човек може да преживува паника и шок, затоа што тој период од животот му е избришан од сеќавањето и нема да разбира што му се случило.
Тие изјави на Литвиненко и Калугин нема да ја спасат политичката кариера на Рибкин. Путин ја доби оваа рунда против Березовски, негов веќе заколнат непријател, но, и негово срдечно пријателче од крајот на 90-те години на 20-от век.
13 февруари
Иван Рибкин изјави дека нема да се врати од Лондон. Емигрирањето на претседателски кандидат се случува за прв пат во нашата историја. Веќе никој не се сомнева дека режимот го опоил.
НОВИОТ ПРЕМИЕР НЕ ЗНАЕ ВО ШТО МУ СЕ СОСТОИ РАБОТАТА!?
Некој се јавува во редакцијата на нашиот весник, божем „добронамерен“ од разузнавачките служби.
„Пренесете во Лондон – знаеме дека можете – дека ако Рибкин извади каков и да е компромитирачки материјал против Путин во телевизиските дебати, ќе следи нов атентат. Претседателот ќе треба на некаков начин да го одвлече општественото внимание“.
Ние го пренесовме предупредувањето, но, Рибкин веќе си ги изми рацете. Страв му е за животот.
15 февруари
Султанови, семејството на малата Хуршеда, која беше убиена од скинхедси во Санкт Петербург, ја напуштија Русија и се преселија во Таџикистан. Го зедоа со себе малиот ковчег со посмртните останки на детето.
24 февруари
Путин ја распушти владата во директен пренос на телевизијата, 19 дена пред изборите. Според уставот, новоизбраниот претседател назначува нов кабинет и тогаш претходната влада дава оставка. Причината за распуштањето не се соопштува.
Не ја обвинуваат владата за ништо, макар што за тоа има премногу основи. Сменетите министри зборуваат на телевизијата за радоста, која им ги исполнила срцата штом чуле дека се сменети. Повеќето од кабинетот дознаа за смената од телевизиските вести.
Првиот претседателски мандат на Путин завршува денес. Тоа е крајот на Елциновата ера, чија последна важна фигура беше досегашниот премиер Касјанов. Сега, за време на вториот мандате, Путин конечно ќе се дистанцира од политиката на Елцин.
2 март
Новиот премиер на Русија е Михаил Фрадков. Никој нема претстава кој е тој. Очигледно, чиновник во советското Министерство за надворешна трговија, работел во различни амбасади, имал различни функции во различни министерства во постсоветскиот период и во даночната полиција во најтешкото за неа време.
На симнување од авионот при враќањето од Брисел, Фрадков рече дека сеуште не знаел што значи – „технички премиер“. Со други зборови, тој не знае на какво место го назначил Путин. Толку неинформиран премиер е нешто сосема невообичаено дури и за нас.
5 март
Се е сведено до апсурдност. Назначувањето на Фрадков за премиер од Државната дума заслужува да влезе во Гинисовата книга на рекорди: 352 гласа за човек, кој, прашан какви му се плановите за иднината, може само да изломоти:
„Јас штотуку излегувам од сенка“.
Фрадков е човек на сенката, затоа што е шпион. Имаме апсолутно третокласен премиер. Самиот негов изглед кажува дека е политички маневар. Избран е така, што Путин и само Путин е владетелската личност. Ништо нема да се промени. Путин ќе продолжи да ги носи решенијата.
Тогаш, каква е новата политика? Одговорот е – никаква. Фрадков е скромен извршител, секогаш готов да ги исполни задачите, издиктирани од Партијата. Ниту повеќе, ниту помалку.
Рибкин ја повлече кандидатурата, без да даде јасно објаснување за причината. Продолжува да остава впечаток дека психички не е добар.
14 март
Е, го избраа. Излезноста на гласањето е многу висока, како што сакаше претседателската администрација.
15 март
Веќе ги знаеме официјалните резултати. Путин освоил 71,22 отсто. Победа! Можеби Пирова. Хакамада добила 3,85, Харитонов – 13,74, Глазиев – 4,11, Малишкин – 2,23, Миронов – 0,76 отсто. Во кандидатурата на Миронов немаше апсолутно ништо друго освен неговата кучешка предаденост кон Путин. И резултатот му го одразува токму тоа. Општо земено, се докажува исправноста на идејата за управување на земјата со истите методи како оние, кои беа употребени при спроведувањето на ,антитероричката операција,: Државата, тоа сум јас – Путин!
(крај)