Путер, фиеста и џинџер

by fokus

Искажано мислење не е организирање отпор, а особено е интересно колку е законита одлуката за попис, бидејќи доаѓа по одлуката за заштита на здравјето на луѓето во пандемија од ковид и е контрадикторна и спротивна на неа

Звонко ДАВИДОВИЌ

 

Овие денови вестите во Македонија изгледаат вака. Министерот за корупција го запали корумпираниот путер и замина во Дубаи да се одмори од напорната работа од 16 часа дневно, само уште да имаше резултати од толкаво работење. Се прашувам што ли прави ова Министерство кога корупцијата цвета, а згора на сè постои основно јавно обвинителство и основно јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција, па испаѓа дека со формирање на ова Министерство се признава некадарноста на ОЈО за организиран криминал и корупција.

Работата, пак, се сведува слично како гаќите на Ивона, овојпат на путерот. Друг, пак, функционер набави опрема што не е потребна и замина во Мексико да се одмори од напорната работа. Оправдување на двајцата е дека поубавите половини морале да ги одоброволат, па се прашувам ако сега се вадат на понежниот пол, како ли ќе се справат со посилниот пол ако сржи некој мускулест батка. Ама, како ние имаме по однос на половата еднаквост „џинџер баланс“, нема проблеми од кој пол е, само ме загрижува што на Божиќ, наместо џинџер колачиња, ќе имаме „џендер“ колачиња.

ВАКЦИНИ НИ ЗА ЛЕК – ЗДРАВСТВОТО СЈАЈНО

Вакцини нема ни за лек, ама здравството ни е сјајно и организирано според првиот човек на истото, а новинари, бизнисмени, а сега и полицајци одат да се вакцинираат во соседството. Партиските ботови се удираат во гради како тие се патриоти и нема да одат во Србија да примат вакцини. Аууу… јак патриотизам по сите бугарски пасоши, грчки и унгарски азили, грчки викендички, српски донации во вакцини, европски клоци и белосветски кредити, а бре све патриот до патриот.

Цела Влада на промоција на некаква „метларка“, која најверојатно по уште една „генијална“ идеја ќе се употреби како реформаторско средство. Македонските министри од албанско потекло трчкаат по Европа и лобираат за Косово, а нашиве политичари молчат, вртат глава на страна и сè што можеш да добиеш од нив е „немам коментар“. Но, затоа имаат коментари на различни мислења од нивните на луѓе кои колку и нив, ако не и повеќе, си ја сакаат татковината.

Различни ставови за пописот, едни за, други против, закани и препукувања, мавтање со кривични пријави за непочитување одлуки на државни органи и повикување на чл. 386 од КЗ, ама забораваат или не знаат дека тоа важи само за оние, кои организираат други на отпор, или на непослушност кон законити одлуки или мерки на државен орган.

САМО НАПУШЕН НАРОД МОЖЕ ДА ГО ПОДНЕСЕ ОВА

Искажано мислење не е организирање отпор, а особено е интересно колку е законита одлуката за попис, бидејќи доаѓа по одлуката за заштита на здравјето на луѓето во пандемија од ковид и е контрадикторна и спротивна на неа. Ако граѓанинот не постапи по таквата одлука, сторува кривично дело од чл. 206 од КЗ, па сега биди народе паметен што да послушаш и примениш. Најверојатно излезот е во гаењето марихуана како што предлага владата, секој граѓанин по две-три стебленца и нема проблема. Само напушен народ може да го поднесе ова и да преживее.

Судско-медиумскиот совет активен и креативен, а предлогот новинарите да одат на кафе-муабет кај судијата што го води предметот „генијален“, ама малку спротивен на законот, исто како и делењето записници од рочиште на новинарите. Можеби така и адвокатите бранители ќе ги добијат, ама од новинарите, оти судот често не им ги дава. Инаку веднаш се виде на дело соработката на правосудството со новинарите што стоеја пред вратите на Советот на јавни обвинители ко сирачиња и личеа на Катица пред портите на МВР кога викаше „отворете, отворете“.

Со оглед на трендот, а во духот на здравата конкуренција и негување на претприемништвото, ги повикувам сите заинтересирани да присуствуваат на промоција на нов џогер што ѝ е купен на хигиеничарката во влезот. Секако задолжително ќе се применат здравствените препораки и социјалната дистанца според протоколите, а, наместо коктел, ќе се делат „ланч пакети“ на заминување со џинџер баланс за неупатените јогурт баланс со ѓумбир.

Поврзани новости