Среќа на сите, ве сакам и ве гушкам – последните зборови на Хаџиманов во неговото последно интервју за ,,Фокус”

by fokus

Денес во регионот силно одекна веста дека легендарниот пејач, композитор и поет, Зафир Хаџиманов (77) ја изгуби битката со корона вирусот. Македонскиот амбасадор на културата кој со децении живееше во соседна Србија, секогаш беше горд на своите корени од Кавадарци и на македонското потекло, и беше наш чест соговорник на теми од културните настани, но и околу актуелната состојба во регионот, дневните случувања од различни сфери, кои се однесуваа на добросостојбата на народот како во Македонија, така и во Србија.

Неговото последно интервју за ,,Фокус” се случи пред само два месеци, кога тој ни раскажа за своето големо разочарување, откако непознато лице му испратило порака, наводно во име на Влада на Македонија, во која бил известен дека Владата на Република Северна Македонија му доделува награда за животно дело, како на истакнат пејач, актер, поет и композитор, бидејќи дал голем допринос во областа на популарната уметност и култура во земјата и светот.

-Уште на почеток имав сомнеж дека пораката е веродостојна, а на крај се испостави дека сум имал право. Едноставно, кога ќе добиеш анонимна порака дека си награден со национална награда, веднаш се сомневаш дека нешто не е во ред…
Свртев два – три телефони на мои пријатели во Скопје, тие се распрашаа и ми одговорија дека никој од Министерството за култура ништо не знае за таа награда. Морам да признаам дека ми падна тешко, некој така лошо да измислува мајтапи! Сега сум веќе во години кога сакал, не сакал, сепак посакуваш надлежните да се сетат и да го одбележат мојот труд достоинствено и праведно- разочарано зборуваше Хаџиманов.

Со горчина во гласот ни раскажа дека иако зад себе оставил богата културна ризница, на свои 77 години не добил никаква национална награда за својот труд, а невкусната шега која му ја приредило непознато лице, само уште повеќе го разочарала.

-Минатата година Владата ме прогласи за почесен амбасадор на македонската култура и уметност, што јас навистина и без тоа сум веќе 60 години. Но, национална, државна награда е сепак нешто возвишено и неопходно за секој врвен уметник.
Тешко ми падна сето ова, не ми се ни зборува повеќе. Ги сакам и поздравувам сите добри луѓе, тој што го направи мајтапот со мене, не вреди да се спомнува- ни изјави музичарот, завршувајќи го разговорот со зборовите -Среќа на сите, ве сакам и ве гушкам…

Вики Клинчарова

Поврзани новости