Пустец доби официјална веб страница, наскоро и на македонски јазик

by fokus

Општина Пустец доби официјална веб страница www.bashkiapustec.gov.al. Засега страницата е достапна само на албански и англиски јазик, но според најавите, наскоро ќе биде достапна и на македонски јазик.

Тука можат да се најдат информации за активностите на локалната власт и други информации кои се во интерес на жителите на општината.

Општина Пустец се наоѓа во јужниот дел на областа Мала Преспа каде на брегот на Преспанското Езеро се распослани девет населени места. Живеат околу 5.700 жители, сите од македонско етничко потекло.

Градоначалник на општината е Едмонд Темелко, кој на оваа функција е трет мандат. Темелко до неодамна не можеше да оди на работното место во Пустец, бидејќи како осомничен во случајот „Титаник“ на СЈО, му беше одземен пасошот, а еден период беше и во притвор, но веќе неколку месеци може да патува, бидејќи патната исправа му е вратена.

Грбот на општината го содржи древниот македонски симбол Ѕвезда од Кутлеш над кое стои натпис на македонски Општина Пустец, а под него на албански. Тоа е всушност прв случај на официјална употреба на македонскиот јазик во Албанија.

Проектот за изработка на страницата го спроведува Канцеларијата на Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП) во Албанија, а проектен партнер е албанското Министерството за внатрешни работи.

 

Поврзани новости