Шеталиштето на кејот „13 Ноември“ никогаш не било поубаво, похумано и толку достапно, ниту повеќе полно со луѓе, граѓани, скопјани, кои што сега конечно можат да уживаат во широчината на овие простори, изјави денеска градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов, при промоцијата на новиот реконструиран кеј.
Како што информираше Шилегов, реконструкцијата на кејот опфати 12.500 метри квадратни уредување на целокупната површина која што е концептуално поврзана со објектите кои што гравитираат по кејот, или таканаречените скопски кафичи на кеј.
– Во оваа насока беше изведено целосно ново приклуклучување, целосно нова и за прв пат интегрална патека за лица со инвалидитет. Поставени се нови клупи, нови корпи за отпад, нови жардињери за дрворедот кои што целосно ги ослободуваат корењата на дрвата како и канделабри, рефлектори за осветлување, но и бетонски и нови електрични столбови заради реализација на забраната за паркирање на овој простор, кажа Шилегов.
Со тоа, како што посочи, ослободено е повеќе место за пешаците и велосипедистите преку целосно спречување за можноста за нелегално паркирање на овој простори и сериозно ограничување на возилата кои што ќе можат да ја користат или воопшто да не ја користат, она што порано беше познато како сервисна улица за возила.
– Кејот има доволно простор за сите негови корисници, односно за граѓаните кои што можат да го користат за прошетки, за одмор и релаксација, па сѐ до бизнисите кои што тука постојат повеќе децении, со цел да угостителската традиција во Скопје, продолжи во најпозитивен можен правец, дополни градоначалникот.
Со реконструкцијата, терасите кои што ги користат угостителските објекти сега се унифицирани, со исти димензии, организирани, на начин со кој што може да дојде до израз изгледот на кеј „13 Ноември“.