Преку сѐ ми е од партиски овци што не знаат ни да читаат, а солат памет на сите како сѐ е мед и млеко, од партиски потрчковци кои се невработени, а тврдат дека никогаш подобро не се живеело, од бивши или сегашни партиски функционери, профитери, министри, секретари, заменици или безгласни штапски „споменици“ кои ти кажуваат што си требало или не си требало да напишеш или кажеш.
Пишува: Звонко ДАВИДОВИЌ
Пун ми куфер свега, велат Србите, а преведено на македонски звучи уште посуптилно и значи преку к… ми е од сѐ. Најверојатно, истото го чувствувале и сите оние кои се иселиле од земјава, или оние малку нормални, кои останале. А како и да не ти биде кога не постои ниту еден сегмент од животот на еден човек во Македонија за кој можеш да кажеш дека е нормален.
Преку к… ми е од идиоти што возат 120 по булеварите и за кои пешачкиот премин е бела линија на асфалтот, а црвено на семафорот знак да ја помине раскрсницата. Која будала уште поминува на зелено, си мислат овие типови, возејќи како збудалени, непочитувајќи ниту еден сообраќаен пропис, престигнувајќи сѐ што се движи пред нив, користејќи ја секако и велосипедската патека како дополнителна лента за нивното изживување.
ПРЕКУ ТАКВО МИ Е …
Кога ќе ги опоменеш, те гледаат тапо и благо ретардирано како да си им се обратил на холандски. Преку к… ми е од полицијата, која никогаш не стои каде што треба за да ги санкционира овие тапчовци, туку пие кафе на бензински пумпи или скока од грмушки како комита за да казни некого што возел 52 км на час каде што е дозволено 50. Преку сѐ ми е од типови што паркираат пред подземна гаража, влез во зграда, или паркинг и блокираат најмалку 50 коли, правејќи се недоветни и незаинтересирани кога ќе им го покажеш влезот.
„Пун ми куфер“ од сељаци и простаци, од невоспитани што плукаат по улица или го секнат носот, од оние што фрлаат ѓубре секаде, особено низ прозорецот од автомобилот, од оние што почнуваат реченица со „па“, од тие што ословуваат со „бе“, што разговараат толку гласно на маса што ги слуша цела кафеана, а и таа до неа.
„Пун ми куфер“ од оние што те шлапкаат по рамо или те боцкаат со прстот, кога зборуваат за да ги слушаш, и тоа сѐ во исто место, па те боли раката три дена, од оние што сѐ знаат, од типови што не го гледаат она што е толку очигледно, туку филозофираат, од оние што во сѐ гледаат теорија на заговор, од оние што со часови зборуваат, а ништо не кажуваат.
Пун ми… од намуртени типови, конфликтни личности, алапачи, нарикачи, типови со идеи, а без дела, од луѓе без цел во животот, од оние што молчат кога треба да зборуваат, од оние што се кријат зад тато, мама, партија или титула, од едиповци и тапчовци. Пун ми… од оние што се фалат самите, што секогаш имаат совет што треба да направиш или не, од оние што вреѓаат и колнат, од типови што се ситат на туѓа мака, а завидуваат на секоја среќа.
Преку глава ми е од „итроманци“ кои се прават дека не ја забележуваат редицата на луѓе што чекаат пред продавница, аптека, банка, туку ги заобиколуваат сите и некревајќи глава влегуваат пред сите, оти им се брза, оти Перо ги праќа, оти тие се посебни… Преку глава ми е и од тетки, баби, стрини, дедовци и дечки што пола саат прават муабет на шалтер со службеникот за фамилијата, одморот, зетот и ќерката, а редица позади нив се оптегнала до Плоштад.
ПРЕКУ ГЛАВА МИ Е…
Преку глава ми е од типови со маици на прерамки, кои на клупа пред зграда „цевчат“ пиво и млатат празна слама, од мајки со деца под балкон кои врескаат затоа што им се спие, ама мама не се домуабетила со комшиката за свекрва ѝ, а детето еден час урла како живо да го дерат.
Преку глава ми е и тие што фрлаат ѓубре од тераса, полеваат цвеќе како да полнат базен, па вода тече по сите балкони, од оние што дошле од планина или некоја селендра пред години, а сѐ уште се однесуваат како да живеат со мечки. Преку глава ми е од дрекавци кои кога разговараат урлаат како да се довикуваат со некој на друга планина, од типови на мобилни чиј разговор се слуша најмалку три улици подалеку.
Преку глава ми е од кретени што пуштаат шабанерија на цел глас и нивното весеље ми го наметнуваат и мене и на цел комшилук. Преку глава ми е квазипејачи што фалшираат и атакуваат на слухот и што мислат дека што е погласна музиката, толку е доживувањето поубаво, од певаљки со деколтеа, а без глас, од типови што завиваат заедно со пејачот, па личи на чопор волци, од оние што се пијани уште во 10 сабајле.
Преку сѐ ми е од партиски овци кои не знаат ни да читаат, а солат памет на сите како сѐ е мед и млеко, од партиски потрчковци кои се невработени, а тврдат дека никогаш подобро не се живеело, од бивши или сегашни партиски функционери, профитери, министри, секретари, заменици или безгласни штапски „споменици“ кои ти кажуваат што си требало или не си требало да напишеш или кажеш, од политичари кои од три, два збора ги грешат и кои постојано со изјави ги објаснуваат своите претходни изјави и единствено нешто што течно и без грешка го кажуваат е партиска парола со не повеќе од два збора или цифра за бараното мито.
Преку такво ми е од фејсбук-експерти кои сѐ знаат, на сѐ имаат коментар или замерка, ако не си на „линија“ со нивниот градоначалник, челник, пастир, или некое друго нивно божество.
Преку к… ми е од судии по национален клуч, а без компас, од обвинители што дејствуваат само по чуен партиски глас, од правосудни сончогледи кои мислат дека партиско сонце ќе ги огрее. Преку к… ми е од кускулиња бизнисмени и по стас и по ум кои мислат дека измама е зделка, кои украле цели фирми во транзиција, кои киснат во канцелариите на партиите или судиите за да грабнат уште.
„Пун ми куфер“ будали, типови со чорапи и сандали, луѓе што смрдат на пот, од кафеански певаљки кои мислат дека се оперски примадони, од „интелектуалци“ кои читаат само плакати, од оние што само вртат палци и останати квази генијалци, од сето она што нѐ донесе таму каде што некогаш другите биле, ама пред 100 години.