Хоти: Без договор за меѓусебно признавање нема нормализација на односите меѓу Косово и Србија

by fokus

Косовскиот премиер Авдулах Хоти изјави денеска дека без договор за меѓусебно признавање не е можна нормализација на односите меѓу Косово и Србија, јави МИА од Приштина.

Одговарајќи на вчерашна изјава на српскиот претседател Александар Вучиќ дека, и ако на средбата на челниците на Приштина и Белград на 4 септември во Белата куќа учествува американскиот претседател Доналд Трамп, нема да се разговара за признавање на косовската држава, Хоти изјави дека единствена тема за која се разговара на тие средби е меѓусебното признавање.

„На секоја средба на која учествуваме единствената тема за која разговараме е во функција на меѓусебното признавање. Инаку не може да има нормализирање на односите меѓу двете држави“, изјави Хоти на денешното чествување кај спомен-плочатна исчезнатите од последната војна во Косово, а по повод Светскиот ден на исчезнати лица.

Косовскиот премиер нагласи дека темата за исчезнатите ќе биде главно прашање на каква било спогодба за нормализирање на односите и меѓусебно признавање на двете држави.

„Ова е и натаму отворена рана, најчувствителна тема. Не претеруваме, тоа е главното прашање на секаква спогодба за нормализирање на односите и меѓусебно признавање“, изјави Хоти.

Како исчезнати од војната во 1998-99 година во Косово, според официјални податоци, и натаму се водат 1 647 лица.

Поврзани новости