Партиски активисти на политичката партија БЕСА лепеле плакати во скопското село Арачиново кога непознато лице паркирало „голф“ со скопски регистарски таблички во нивна близина. Од голфот лицето го отворило прозорецот и од огнено оружје испукало еден куршум во воздух, по што заминало во непознат правец, информираат од полицијата.
Настанот се случил вчера вечерта околу 22.20 часот. Активистите го пријавиле во полицијата, потоа се вратиле на локацијата и успеале да најдат една чаура, која ја однеле во Полициското одделение Арачиново. Се преземаат мерки за пронаоѓање на сторителот и за целосно расчистување на настанот.
Од партиските инциденти викендов се издвојува и настан во Битола каде вчера на полноќ на булеварот „1-ви Мај“ тројца битолчани на возраст меѓу 22 и 29 години биле фатени од полициски службеници како со црн спреј прскаат на изборно пано со плакат од кандидатот за градоначалник на политичката партија СДСМ. Против нив се поднесени прекршочни пријави по член 79 од Изборниот Законик на Република Македонија.