пишува: Фросина ФАКОВА-СЕРАФИНОВИЌ
Слободата на изразување и заштитата на новинарите се носечки столбови на секое демократско општество. Преку поддржување на овие принципи се креира енергичен и разновиден медиумски сектор, што е клучно за информиран јавен дискурс, изјавил Олег Солдатов, раководител на Програмската канцеларија на Советот на Европа во Скопје.
Тој, заедно со претставници на Здружението на новинарите на Македонија, претставници на Министерството за внатрешни работи и јавниот обвинител за предмети поврзани со безбедноста на новинарите, зборувал на дискусија насловена „Поддршка за новинарскиот интегритет: заштита на новинар(к)ите и медиумските актери во Северна Македонија“, во рамките на проектот „Заштита на слободата на изразување и на слободата на медиумите во Северна Македонија (ПРО-ФРЕКС)“, во организација на канцеларијата на Советот на Европа во Скопје и ЗНМ.
На таа конференција сигурно на „нивоу“ се зборувало колку е битна слободата на изразување. Но, тоа е само форма. Кога ќе се почувствуваш небезбеден и кога ќе почнеш да се јавуваш по институциите и здруженијата што ја чуваат безбедноста на новинарите со полни усти, никој не сака никого да „си го стави на врат“. И доаѓаш во ситуација кога ти се врти сцената од „Пред дождот“, „Пукај бе братучед“. Никој нема зад мене.
Во 17 години работа како новинар, деновиве првпат побарав помош од ЗНМ и од неколку институции. И не побарав исклучиво јавно да се реагира дека „некој мене ме погледнал на страна“, туку побарав совет како да постапам. Но, контрапродуктивно било ако се објави јавно, институциите немале закана „црно на бело“…
А, секој веќе си дозволува да му кажува на новинарот што треба да пишува, да објави. Во некој од последните броеви на неделникот „Фокус“ излезе насловна страница и текст за исчезнувањето на младиот Самоил, за кого нема ни трага, ни глас повеќе од една година.
За неговото грабнување веќе имаше првостепена пресуда и беа осудени две лица. Со читањето на пресудата во јавноста се доби малку појасна слика за овој случај, за кој досега во медиумите единствено беа пренесувани изјавите на неговиот татко. Судијката ги прогласи за виновни обвинетите што ги товареше обвинителството и детално читаше што се случувало пред грабнувањето.
Всушност дека имало некој неплатен хероин од 4 килограми, земен од Хрватска, дека на блиски на Самоил му биле испраќани пораки дека дрогата ќе ја платат со пари или крв. И да не навлегувам, истражните органи нека си ја водат истрагата.
Пресудата беше јавна, а дел од медиумите ја пренесоа и во целост. Во судницата се чувствуваше тензична атмосфера меѓу семејствата на исчезнатиот Самоил и семејствата на сега веќе осудените.
Таткото на Самоил по неговото исчезнување беше ранет пред неговиот дом. Неколку дена по излегувањето на текстот, добив повик од сведок во случајот. „Како смеете да ме објавувате со име и презиме, јас сум сведок“, викаше нервозно и заканувачки лицето. Јас пробав да му објаснам дека судењето е јавно, дека имињата се кажани јавно. „Кој ви дозволи да го објавувате моето име“, заканувачки викаше лицето. Јас му кажав дека нам не ни треба дозвола за тоа. „Ќе се видиме на суд, ќе ве тужам“.
И во ред, секој има право да тужи, да испрати реакција, демант до медиумите, но треба да знае дека неговото име не го измислил новинарот, тоа било јавно кажано во судница, од страна на обвинителот и од судијата.
Лицето, чие име еве воопшто не е битно во приказната, било сведок на обвинителството, не е заштитен сведок, а неговото сведочење било јавно и таму можеле да присуствуваат и да го пренесат она што го зборувал во судница сите медиуми што би биле присутни таму. По повикот, лицето ми пратило две пораки на Фејсбук, месинџер, кои не успеав да ги прочитам зашто беа избришани.
Секој што сака да биде новинар, секако треба да го прифати ризикот на својата професија. И јас сум го прифатила тој ризик, ми се јавувале да избришам нешто што сум напишала, иако било точно и проверено, во три по полноќ ѕвонеле зашто сум објавила слика од некој што се сликал со дел од криминалното подземје и бил во затвор. Ми откажувале интервјуа зашто на некој функционер, кој го плаќаме со наши пари, прашањата му биле многу чувствителни, на друг политичар, прашањата му биле брутални, се ѕвонело по телефони и само прашање ако му поставиш некому.
Има луѓе кои доаѓаат луѓе во редакција, кои ви тврдат дека Хари Костов е уапсен по негова пријава, ама никој не знае. Дека го следат агенти. Дека судството уште го тресат Бранко Црвенковски и Ленче Софрониевска…. И сето тоа треба да се „свари“ и да се продолжи понатаму.
И сето тоа сум го сфаќала како дел од професијата. Но, Здружението на новинарите и институциите треба да знаат дека сите новинари не пишуваат само за политичари, нивните бизниси, коруптивни зделки. Има новинари што пишуваат и за криминалното подземје, има новинари што лица од затвор ги „гањаат“ на социјалните мрежи.
И искрено, не е сеедно. Не им беше сеедно ниту на моите колешки кога Марјан „Доказ“ пишуваше гнасотилоци и лаги, а за тоа не реагираше ниту едно професионално здружение.
Сега се зборува за некакви „слап“ тужби. За волја на вистината, парите што сега новинарите треба да ги платат и да ги осудат за клевета и навреда се далеку помалку од оние илјадници евра што требало да ги платат порано нашите поискусни колеги.
Но, тоа што сега секој си зема за право да му се јави на новинарот да ја избрише веста, да го прашува кој му дозволил, да пишува лаги за неговиот живот, тоа предизвикува САМОЦЕНЗУРА кај новинарите. Затоа што на крајот на денот, тие се оставени сами на себе.
Тие сами мора да се борат со „Доказ“ затоа што никој од Здружението нејќе да си го земе „на врат“, никој адвокат нејќе да си го земе „на врат“ некој сведок итн. Ниту обвинителот за врска со медиумите, кој, пак, е и обвинител во овој случај, не му обајснил на својот сведок дека тој нема статус на заштитен сведок.
Позади сите новинари не стои партија, амбасада или не знам што. Позади некои нема никој, ама баш никој. Но, позади нив останува нивниот јавен збор. Тие ќе „пукаат“ со зборови и борба.