Партијата за целосна еманципација на Ромите ПЦЕР денеска го обвини градоначалникот на општина Шуто Оризари дека проневерил половина милион европски пари.
Според ПЦЕР, општината Шуто Оризари на 8 декември 2014 година, добила грант од 548.801 евра, наменети за вработување на ромското население, отворање на производствени погони и за нови вработувања, за економски развој и за инвестиции во општината, со цел интеграција на Ромите во општествениот и економскиот живот во Македонија, преку нивно вработување. Но, откако овие пари легнале на сметката на Општината, нема ниту трага ниту глас од нив, ниту информација каде се искористени и каде завршиле.
-Или, заедно со неговиот татко Амди Бајрам правеле дуќани од овие пари и сега земаат ќирија од тие дуќани. Дали и овие грантови ќе бидат укинати како и ИПА фондовите, ако ненаменски се користат или се проневерат. Го повикуваме јавниот обвинител да се позанимава со овие пари од ЕУ, Финансиската полиција, Државниот ревизор да покрене постапка за проверка на овие грантови од Европската Комисија. Исто така, ја повикуваме Европската Комисија која ги доделила овие пари да изврши ревизија на потрошените пари. Ние како партија знаеме кај се потрошени но ќе оставиме институциите и Европската Комисија тоа да го потврдат, велат од ПЦЕР.