Птици-грабливки

by lali

Не можеш да ги замолчиш. Не можеш да ги засрамиш. Не можеш да ги отстраниш од екраните, да им ги одземеш компјутерите. Не можеш да ги забраниш со закон, ниту да им оспориш дека се новинари. За кои медиуми зборуваат овие луѓе што себеси се нарекуваат новинари? Како птици-грабливки со истурени вилици и со размавтани раце, тие докажуваат дека сите се еднакви и дека сите имаат право на свое мислење.

Новинарот треба да пренесува информација, тој не треба да сугерира, да коментира, да држи страна и да навива. Тој е новинар во информативна рубрика, зборува за политички теми, новинарот треба да ја информира јавноста за тоа што се случува во државата, па јавноста врз основа на тоа да се определува, да зазема страна, да навива, да сака или да нејќе.

Колку ниско е најниско?

Нашите колеги новинари немаат одговор на тоа прашање.

Ни го одзедоа зборот. Ни ја убија волјата. Ни ја направија професијата извикана и бесмислена. Како духови да лутаме по градовите што некогаш беа инспирација. Да се судираме со нашите пријатели, без да ги препознаваме. Поддржаа недело, кое ќе има далекосежни последици Помогнаа да се испишува лажна историја, чии носители се лажни светци. Јаговците, Исуси сакаат да ги направат. Мавтаат со огромни часовници на рацете и редат неразбирливи фрази, кои немаат поткрепа во стварноста. Овие новинари, кои спроти Аиво Орав, како птици-грабливки се построија. Чудно е, сепак, зошто птиците-грабливки не летаат во јато. Со ова ќе ги навредиме птиците, кои имаат по некоја добра особини: летаат над облаците, имаат огромен опсег на крилјата и слободни се. Овие за кои зборуваме, ја присвоиле само грабливоста.

Нѐ ставија на столбот на срамот, нѐ натераа да се оградуваме од нив и од нивниот начин на презентирање на стварноста, да ја држиме главата над вода, да гледаме дното да не ни биде бездна. Не ни е лесно, а не знаеме дали нема да биде и потешко.

Женските варијанти на машките, кои себеси се нарекуваат новинари, ги држат главите исправени, иако би требало да ги држат покриени. Тие што себеси се нарекуваа мечки, подобро да не ги навредуваат мечките. Така си мислат дека ќе го победат мислењето што мнозинството го има за нив поради сиот шунд од новинарство што го произведуваат. Шундот, инаку, некогаш беше забележан во Кодексот на новинари на Југославија и велеше дека претставува повреда на човековото достоинство и на тој за кој се пишува и тој што пишува.

Колку е смешно и наивно на платениците меѓу новинарите да им зборуваме за јазикот стилот и за стилистиката на новинарството, како јасно кратко и прецизно. Ах, колку е сега ова надвор од контекстот, кога во контекст се луѓе што декламираат во стил на репортери поткревајќи го гласот и нагласувајќи ги зборовите. Подобро да сме глуви и подобро да се неми, кога веќе не знаат што зборуваат, а и утре нема да има господ што ќе им прости.

Колкав срам е кога репортерски извештај се нарекува некое јавување на Љупче Златев од пред Владата, кој не знае на што треба да одговори репортерскиот извештај: кој, каде, кога, што… и моментот кога новинарот ќе го стави тежиштето на одговорот на прашањето – како. Репортерскиот извештај ја бара вистината во целина.

Слушате ли Латас, Ивона, Љупче, Сарма, Цаци, Мирка, Дарко и многу други. Настанот треба да се прикаже каков што е. Колкумина се натрапници меѓу новинарите? Точната бројка ќе се знае кога тие нема да ја пишуваат. Сега засега е вака. Како што пишува Крлежа: со луѓето заедно смрди, ама топло е. Знаеме како изгледа под туѓата опашка, но без тоа душкање, сега засега, не можат да живеат.

Кај некои луѓе постои мрачна сила, која ги влече надолу, кон земјата, во калта…

А од кал не се излегува поинаку, освен извалкан

Поврзани новости