Психолозите навредени ја демантираат Владата: Во Македонија има кој да прави психолошки тестови

by fokus

Психолозите реагираат по повод образложението на Владата со кое ги укинува психолошките тестови и тестовите на интегритет, како услов за вработување на директори и на службеници во јавната администрација. Според образложението на Владата, во Македонија нема овластени правни лица и стручен кадар за развивање соодветни психолошки текстови за секоја различна работна позиција.

Деканот на Филозофскиот факултет, Ратко Дуев, реагира на образложението.

„Образложението дадено за измените во Законот не соодветствува со реалната состојба во оваа област, со што нејасното омаловажување на цела една научна и стручна фела е обид да се избегне нечија индивидуална одговорност. Веројатно предлагачите на измените во Законот имале причина за таквиот потег, во што не сакам да навлегувам иако причините во најголем дел ѝ се познати на академската јавност. Затоа треба да се лоцира индивидуалната одговорност во досегашните искуства. Но да се тврди дека во Македонија нема стручен кадар за психолошки тестови, да се создаде една колективна одговорност и мислење со кое се брише постоењето на психологијата како наука во нашата земја, е голема грешка“, вели Дуев.

Професорката Елеонора Серафимовска од Институтот за социолошки и политичко-правни истражувања на УКИМ, вели дека пред повеќе од една деценија на Институтот е основана Психолошка лабораторија, која освен со научни истражувања и обуки наменети за студентите на последипломски студии, работи и на развивање на психолошките тестови.

„Психолошки тестови можат да бидат зададени само од стручни лица – психолози и има многу стручни и одговорни лица што можат и знаат да задаваат тестови. Има стручни лица во нашата држава што можат и прават адаптација и стандардизација и има и такви што можат и знаат да изготвуваат нови тестови“, вели Серафимовска за „Факултети.мк“.

 

Поврзани новости