Семејното насилство – тема која е актуелна секогаш, но во некои ситуации, состојбата е алармантна и надлежните институции мора да преземат се во свои раце, за да, полициските билтени не бидат полни со вакви случаи.
Жртви најчесто се жените, а сепак има и бројни случаи каде жртви се и децата, но и родителите. Едноставно, луѓето понекогаш го губат трпението и се одлучуваат да го решат проблемите на свој, нехуман начин.
Психологот и гешталт терапевт, Дора Попова Узуновски во разговор за „Фокус“ говореше за оваа проблематика со која се почесто се соочува нашата држава, а решение на проблемите нема. Според неа, понекогаш и казните дополнително ја влошуваат состојбата во брачната или вонбрачна заедница.
„Семејното насилство е тема кон која за жал се уште не постои сериозен пристап од општеството и државата, институциите не се функционални за да пријдат кон конструктивно и делотворно решавање на проблемот. Казните за насилниците се премногу мали, дури незначајни, а за жртвите нема соодветна заштита и едукација за борба против насилството на кое се изложени. Дури и кога е правно осуден насилникот, по излегувањето од казнената установа, повторно го продолжува истото, честопати со зголемено негативно поведение.
Не само што казните немаат ефект, туку поттикнуваат на повеќе насилство. За да се стави крај на овој проблем, неопходна е промена на банализирачкиот став кон насилството, соодветни казни за насилниците со цел да не го повторат делото, но и мотив за нивна реинтеграција во општеството, како и соодветна поддршка и помош за жртвите“, раскажува нашата соговорничка.
Како што додава таа, постојат и низа други фактори кои влијаат во семејното насилство и жртвите се погрешно окарактеризирани дека самите се виновни што се жртви.
„Секојдневно слушаме како жртвата „сама си го барала ќотекот“ поради некоја оправдана причина, или дека тоа ѝ е заслужено. Жртвата којашто не може да излезе од магичниот круг на насилството, всушност има одговорност за којашто не е свесна. Бидејќи, најчесто околината во којашто живее го поддржува насилството, таа самата верува дека тоа така треба да биде. Жртвата на насилство никогаш случајно не е жртва.
Тука се присутни обрасци и од примарното семејство, односно самата жртва најчесто потекнува од семејство кадешто имало психичко или физичко насилство. На тој начин насилството станало единственниот начин на контакт, како и дефиниција за љубов“, анализира Попова.
За да се намалат ваквите појави во иднина, потребна е сериозна работа во институциите, а најважна е едукацијата за тоа што значи семејно насилство.
„Психолозите, социјалните работници секојдневно помагаат во рамки на нивните можности. Се побројни се кампањите против семејното насилство. Се трудиме да влијаеме врз јавноста на разни начини, но има многу работа. Не е доволно само да се слушне гласот на стручните лица. Потребна е сериозна работа од институциите, како и едукација на нивните вработени за тоа што значи семејното насилство. Од друга страна жените за самите себе да се заштитат, најпрво е потребно да ја препознаат потребата од таквата заштита.
Честопати тие не ни сметаат дека треба да бидат заштитени, дури некои од нив не ни имаат чувство дека се жртви на насилство. Тоа е нивна секојдневна шема на функционирање за која сметаат дека така треба да биде. Во пракса често се среќаваме со поразувачки случаи кога младите жени жртви добиваат афирмирачки пораки за насилството од нивните мајки, баби, тетки и стрини кои исто така имале историја на семејно насилство. Пораките се дека треба да се издржи и дека тоа истото го поминале и тие“, посочува таа.
Добар момент е што се почесто паровите бараат помош од стручно лице во врска со нивните проблеми во бракот, нешто што сме го гледале само на холивудските филмови или серии.
„Има парови кои ќе се одлучат да побараат помош од психолог или психотерапевт, но се разбира дека има и такви кои се уште ги негуваат традиционалните начини на решавање на проблемите, а тоа е со повикување на постарите членови на поширокото семејство, но има и такви кои молчат за тоа дека имаат проблем, се затвораат еден пред друг, комуникацијата е осиромашена, или често се среќаваме со ситуација во која едниот партнер активно повикува на решавање на проблемот, додека другиот е незаитересиран и молчи.
Низ годините бележиме раст во барањето на стручна помош од психолог, сепак постои и друг фактор, а тоа е колку партнерите ќе издржат во процесот на терапија кој би требало да води кон промена. Во случајот кога зборуваме за семејното насилство, насилникот речиси и никогаш не е заинтересиран да го решава проблемот, ниту пак гледа дека постои проблем. Најчесто жртвата е таа која побарува помош“, потенцира Попова.
Личноста која напаѓа носи со себе карактеристики и честопати се непредвидливи за жртвата на семејното насилство.
„За некој да примени физичка агресија врз друг човек, мора да постои во самата личност генерална склоност кон употреба на физичка агресија. Човекот кој удира, тепа и вика има неколку важни карактеристики во склопот на личност. Тие се: низок праг на толеранција на фрустрација, морална атрофија, неспособност за емпатија кон туѓата болка, закоравена инфантилност, навика преку насилство да го добие тоа што го сака итн. Моментот во кој тој ќе манифестира сила може да биде многу непредвидлив за жртвата.
Бидејќи е слаба неговата контрола врз импулсите, било каква ситуација може да биде „тригер“ за избувнување на агресијата и на жртвата да не и биде воопшто јасно зошто баш во тој момент се случува насилството. Од друга страна, партнерите кои зборуваат отворено за своите проблеми, имаат сосема поинаква динамика, неспоредлива со тие кои се во токсичната дијада на насилник-жртва“, го заврши разговорот таа.
Според податоците од јавно достапниот Годишен извештај за работата на МВР за 2021 година во делот на семејното насилство лани биле евидентирани 1056 кривични дела при семејно насилство во споредба со 992 во 2020 година, при што кривично пријавени беа 1097 сторители од кои 90 отсто се од машки пол, додека жртвите во најголем процент односно 77 проценти се жени, потоа 18 проценти од жртвите се родители а на трето место со 10,5 проценти жртви биле деца.
Јорданчо Цветаноски