Психологот Петковски: Сега не се лек луѓето кои шират „катастрофални предвидувања“ и ги контаминираат другите

by Fokus

Во изминатите неколку дена, јавноста во Македонија беше сведок на несекојдневни ситуации во кои беа инволвирани граѓаните од нашата земја.

Од празнење на рафтовите во маркетите поради најавеното одмрзнување на производите, до гужвите што се случија на бензинските пумпи поради лажни дојави во врска со поскапување на цената на горивата.

За ваквиот феномен, „Фокус“ разговараше со клиничкиот психолог Станислав Петковски-Сашо кој стручно ја објаснува целата оваа ситуација.

„Системска, општествена и егзистенцијална несигурност остава последици на индивидуалната проценка на поединецот. Во големи кризи, индивидуата, во потрага по безбедност и сигурност, сака да се поистовети со групата, се гради групен вредносен систем и групни правила за припадност.

 

Групната динамика на подразбира ниту лидер ниту хиерархија, за разлика од тимови или други форми на човечки креирани структури. Дури и кога во една група, ако се појави лидер и наметнува хиерархија, тоа е почеток на крајот на групата. Така, групата има свои колективни правила кои се имплицитни и како такви влијаат на индивидуата речиси несвесно“, вели тој.

Петковски додава дека во таква ситуација, кога повеќето групи во нашата средина се под силен егзистенцијален притисок и подолго време се под силен здравствен притисок со невидлив непријател, немаат евидентен пример за функционално водство кое ќе прошири сигурност, затоа тогаш нови застрашувачки дразби за индивидуата делуваат реално (дури и кога не се) и ги мотивираат индивидуите на акција „секој за себе“.

Последниот период се почесто се шират лажни вести, момент што ги прави дел од луѓето да реагираат во афект и некогаш да носат нелогични одлуки.

„Индивидуата долго време е под притисок на општи големи стресогени фактори, а оние кои ги водат, мислам на Владата, немаат транспарентен контакт и се чини (таква е перцепцијата) дека концептот за „борба за себе“ е промовирана од највисоките хиерерхиски кругови, кој потоа се проширува како модел во пониските хиерерхијски ешалони до самата индивидуа.

 

Изминативе години беа повод за национално понижување, ќе се сложиме дека  националното достоинство е една од основните енергии што ги мотивира групите и е претпоставка за ширење ентузијазам. Колективната меланхолија, пандемиски страв и егзистенцијалана загрозеност „промовира“ чувство дека секој е сам и препуштен на себе. Борбата, сам за себе, дека никој нема да води сметка за другиот, дека поединецот е препуштен сам на себе, поттикнува паника и само илустрација за состојбата на колективната ментална хигиена“, анализира Петковски.

Како што вели тој, совет за ваквата состојба кај граѓаните ќе предизвика различно толкување, а не е исклучено истиот да личи на парола или пропаганда.

„Секој во својата средина да види што му предизвикува задоволство, а што поттикнува анксиозност и напнатост. Како вистински лек во вакви времиња се луѓето за кои велиме дека имаат „мила звезда“, а не луѓе кои за да се ослободат од својот страв шират „катастрофални предвидувања“ и ги контаминираат другите.

 

Ќе се сложиме дека било кој многу информиран и паметен поединец колку и да презентира некакви предвидувања, нема да знаеме дали е тоа точно. Така, или затоа, со тениски речник „поен по поен“ да го живееме овој критичен период бидејки се чини дека така правиме дистанца од секојдневниот прилив на јаки стресогени фактори“, го заврши разговорот Петковски.

Фото – Томислав Георгиев

Јорданчо Цветаноски

Поврзани новости