Психијатриско лекување и чување во здравствена установа и обвинителен акт за неготинчанецот кој ја уби партнерката!

by Fokus

Обвинителен акт, продолжен притвор и задолжително психијатриско лекување и чување во здравствена установа до надлежниот суд поднесе ЈО Кавадарци, за неготинчанецот кој крвнички ја претепа својата 46-годишна партнерка, која почина по четири дена минати во кома на Клиничкиот центар Мајка Тереза.

Настанот кој ја потресе целата јавност се случи на втори август годинава, кога П.Н. (51) дошол во домот на неговата партнерка, и по вербална расправија ја нападнал физички. Жената, мајка на две полнолетни деца, во коматозна состојба првин била однесена во болницата во Кавадарци, а од таму била префрлена во Скопје, на КАРИЛ, каде била оперирана.

По четири дена битка за живот, таа почина на шести август. Според соопштението на Обвинителството, вештачењата покажале дека обвинетиот го сторил делото во состојба на битно намалена пресметливост, и надлежниот јавен обвинител му предложил на судот, освен изречената кривична санкција, да определи и дополнителна мерка за безбедност – задолжително психијатриско лекување и чување во здравствена установа.

Исто така, во соопштението се наведува дека тој во состојба на битно намалена пресметливост и со присуство на 1,94 промили алкохол во крвта, извршил семејно насилство врз една оштетена со која претходно повеќе години живеел во вонбрачна заедница.

-По вербална расправија, тој најпрвин со бокс и тврди предмети ја удирал по главата, лицето и телото, а потоа ја турнал кон туш кабината, при што оштетената се здобила со телесни повреди од кои на 6 август починала на Клиничкиот центар „Мајка Тереза“-информираат од Обвинителството.

Неколку недели по настанот, јавно се огласи ќерката на убиената жена, која објави фотографија од обвинетиот.

-Цели четири дена беше приклучена на апарати се бореше до последниот здив бидејќи имаше страшна повреда од монструмски раце, таква повреда до сега не е направена од сообраќајна незгода – напиша девојката.

Вики Клинчарова

Поврзани новости