Вчера во Штип се одржа првата полуфинална вечер на фестивалот на забавни мелодии, „Макфест 2018” на која настапија 16 изведувачи.
Помеѓу нив беше и Христијан Проданов, познат во јавноста како првото дете родено во независна Македонија, точно на полноќ меѓу 8 и 9 септември 1991, набрзо откако беа објавени референдумските резултати.
Тој беше дебитант на фестивалот и се претстави со песната ,,Невреме”. Комплетен автор на истата е Виктор Апостоловски.
Христијан не успеа да влезе во финалето, а според збирната бодова листа, остана без поени од стручното жири, медиското жири и публиката.
Во минатото, Проданов често настапувал на фестивалот, но како танчер. Бил организатор на повеќе Флеш Моб настани и дел од музички спотови.
Покрај Проданов, со нула поени заврши и Филип Пешевски со песната ,,Кукло моја несудена”. Не се пласираа ниту Мартинијан Кириловски, Лена, Наталија Данаилова и Горан Наумовски и Горан Папаз со својата дуетска песна.
Во финалето влегоа десет песни, односно изведувачите Сара Гигова, Симона Попоска, Мина Блажев, Игор Узунов, Пепа, Наташа Малинкова, Лина Пејовска, Џокси, Димитар Андоновски и Тајфата и Ѓоко Танески.
Вечерва ќе се одржи втората полуфинална вечер, а пак финалето е во сабота. За натпреварувачите и нивните тимови се предвидени награди, и тоа 5.000 евра за прво место, 4.000 за второ и 3.000 за трето. Предвидени се и други награди од по 500 евра во повеќе категории.
Вики Клинчарова