Во 2014 година државата на стотина граѓани им ги одзеде возилата, бидејќи наводно биле диви превозиници. Откако, преку Уставниот суд докажаа дека возилата незаконски им биле одземени, со месеци чекаа да им бидат вратени, а сега, пак, со години чекаат и да бидат обештетени.
Оваа легална „кражба“ од државата, беше овозможена во 2013 година, кога со измена на Законот за превоз во патниот сообраќај, беше пропишано дека трајно им се одземат возилата на дивите превозници, кои без лиценца вршат превоз на патници и тоа по проценка на сообраќајниот инспектор. По нивната реакција, Уставниот суд го укина спорниот член, односно одлучи дека одлука за одзамање на возилата може да донесе само судот.
По одлуката на Уставниот суд оштетените граѓани со месеци правдата ја водеа пред Управниот и Вишиот управен суд, чекајќи државата да им ги врати автомобилите, кои во меѓувреме биле користени од државни институиции. Оттогаш, веќе три години пак чекаат судот да ги обештети.
-Кога ми го земаа возилото добив информација дека е дадено на користење на една болница, а за останатите дознавме дека се дадени на користење на државните институции. По долга правна битка ни ги вратија. Сега следува судскиот циркус пред Апелација, кога исти судови носат различни одлуки за обештетување. Така Апелација пресече на еден од оштетените да му надомести околу 2.000 евра, а мене ниту денар. Граѓанскиот суд ми досуди околу 2.000 евра, но Апелација го врати случајот од почеток. По втор пат првостепениот суд досуди во моја корист, а Апелација одлучи дека не ме следува обештетување. Позитивна одлука за обештетување има донесено и Апелациониот суд во Битола. Поради двојните аршини на Апелациониот суд во Скопје поднесов претставка пред Судскиот совет, вели нашиот соговорник.
В.В.