Лекари од Воена ќе работат и во јавно здравство

by fokus

Во измените на Законот за служба во Армијата, кој е во собраниска процедура предвидовме и законска рамка во која одреден број лица кои работат во Воено медицинскиот центар, а имаат медицинска, стоматолошка или фармацевтска струка ќе можат одреден број часови да работат и во јавното здравство. Тоа ќе биде плус за јавното здравство и за пациентите, и ќе биде и за нив шанса да имаат дополнително искуство и да имаат и дополнителни примања. На ваков начин ќе ги јакнеме капацитетите ососбено со специјалистички кадар, изјави денеска министерката за одбрана Радмила Шекеринска.

Таа заедно со министерот за здравство Венко Филипче денеска имаше состанок со претставници на Генералштабот на Армијата и група вработени во Воено медицинскиот центар, на кој, како што посочи, зборувале за начините на кој начин јавното здравство и тие кои работат во Армијата, во медицинскиот, фармацевтскиот и стоматолошкиот дел можат подобро да соработуваат и да бидат поефикасни.

Се сложивме, истакна министерката, дека системот на јавно здравство ако не биде флексибилен многу потешко ќе функционира и ние го правиме нашиот придонес во делот на Армијата.

-Во Воено медицинскиот центар работат повеќе од 20 специјалисти, имаме дополнителен број помлади колеги кои во моментов се на специализација и тие нивните знаења и искуства не можат доволно да ги применат доколку работат исклучиво за потребите на Армијата. На ваков начин тие ќе помагаат и во јавното здравство, а во Законот предвидовме и луѓе од јавното здравство да можат заедно со нив да учествуваат на пример на одредени НАТО мисии кои се добра финансиска инјекција за нивните семејни буџети. Сметаме дека на ваков начин ќе имаме поголемо задоволство во нашиот Воено медицински центар, но ќе имаме и повеќе шанси и капацитети и во јавното здравство, рече Шекеринска.

Поврзани новости