Првиот приватен универзитет АУЕ – ФОН со повеќе од 12.000 алумни

by Fokus

На свечена церемонија која се одржа вчера попладне, а на која присуствуваа бројни гости, беа доделени повеќе од 400 дипломи на студенти кои го заокружиле своето образование на АУЕ – ФОН.

Американскиот Универзитет на Европа – ФОН вчера попладне организираше свечено доделување на дипломи за студентите од прв и втор циклус на студии. На свечената церемонија, на која присуствуваа бројни гости, меѓу кои и претставници од дипломатскиот кор, повеќе од 400 студенти ги „фрлија“ капите, заокружувајќи дел од своето професионално образование стекнато на првиот приватен универзитет во државава, основан во 2003 година.

„Американскиот Универзитет на Европа – ФОН во изминативе две децении континуирано инвестираше во современи студиски програми со цел преку образовниот процес да одговори на динамичните потреби на пазарот на трудот и зголемување на степенот на вработливост на нашите дипломирани студенти. Универзитетот стави фокус на иновации во моделите за изведување на наставата и наставните методи, интерактивно учење, нови лаборатории, модерни и технички опремени простории за да обезбедиме соодветен одговор на развојните потреби на општеството и економијата. Нашите студенти ги имаат сите можности за квалитетно високо образование, стекнувајќи сè со знаење и вештини, при што со својот интелектуален капацитет придонесуваат за унапредување и развој на државата“, изјави основачот и генералниот директор на Американскиот универзитет на Европа – ФОН, м-р Сефер Цаноски на свечената церемонија на којa им порача на дипломците дека треба да веруваат во себе и да целат да ги остварат своите соништа. При тоа, тој упати уверување дека вратите на Универзитетот ќе бидат секогаш отворени за нивно професионално доусовршување, особено со новите акредитации на студиски програми во САД, како и со двојните дипломи од реномирани универзитети од Европа.

Заменик – директорката на АУЕ – ФОН проф. д-р Александра Србиновска – Дончевски пред присутните дипломци, честитајќи им на нивниот успех рече дека е исклучително горда на институцијата која како прв приватен Универзитет во државата одбележува 20 години постоење и 17 генерации по ред на дипломци, специјалисти и магистри и повеќе од 12 000 алумни.

„Денес го славиме успехот кој нема граници, како што велеше и нашиот Тоше Проески. Запаметете, Вашата вредност како личност никогаш нема да се мери според парите кои што ќе ги заработувате, ниту пак според бројот на признанијата кои ќе ги добиете. Вашиот успех ќе се мери само според делата кои ги правите и начинот на кој што ги спроведувате во Вашиот личен и професионален развој“, додаде Србиновска – Дончевски која им ги врачи сертификатите на првата генерација на експерти за сајбер безбедност во Македонија, кои што завршија обука како дел од неформалното образование кое што го овозможува Универзитетот, заедно во соработка со ThriveDx од Израел.

Ректорката на Американскиот универзитет на Европа – ФОН, проф. д-р Билјана Пулеска Јанушевска во своето обраќање пред дипломците рече дека сите тие се стекнале со проширени, продлабочени знаења и професионална компететивност за научното поле за кое се определиле.

„Научивте како да го примените знаењето, научивте систематски и креативно да решавате комплексни проблеми од областа; сега веќе умеете и критички да пристапувате кон решавањето нови и мултидисциплинарни проблеми. Сега е ред да преземете одговорност за сопственото професионално усовршување, критички препознавајќи ги личните потреби за понатамошно учење. Со ова знаење, квалитети, компетенции и вештини, вие сте овластени да барате нови можности со уверување дека можете да придонесете за подобрување на целокупната заедница. Сега имате алатки со кои поинаку ќе пристапите на вашата работа за поголема ефикасност и продуктивност. Тоа е моќта на високото образование“, потенцираше ректорката Пулеска Јанушевска.

По свечената церемонија на доделување на дипломи како дел од програмата за одбележување на успехот на дипломците, но и успехот на АУЕ – ФОН кој годинава со низа настани и активности одбележува 20 години од своето основање, свој настап имаше бендот на нашиот Тоше Проески со цел да ги мотивира сите млади дека само со посветеност, мотивираност и работа можат да се остварат своите соништа и цели во животот.

Поврзани новости