За првпат после 11 години истражување на балканскиот рис, тимот на Македонско еколошко друштво успеа да слика младо од рис. Оваа одлична вест доаѓа откако во февруари истражувачкиот тим на Програмата за закрепнување на балканскиот рис успеа да постави ГПС околувратник на првата женка рис досега.
Од здружението велат дека Маја, женката рис, која била обележана со ГПС ги одвела до нејзиното дувло и таму го нашле најскапоцениот податок до сега – здраво младо рисче. Првите фотографии од младенчето балкански рис ги направи членот на мониторинг мрежата за балканскиот рис, Панајот Чоровски од Кичево.
„Неверојатна радост е да бидеш првиот кој ќе види младо рисче, особена чест ми беше да ја споделам информацијата со моите колеги и сите кои се грижат за заучувањето на ова неверојатно животно.“, изјави Чоровски.
Од здружението велат дека ова рисче е надежта која ѝ е потребна на малата популација на балкански рисови во Македонија.
„Се надеваме дека преку неговото следењето како и следењето на неговата мајка ќе успееме да ги добиеме податоците кои недостигаа досега. Овие податоци ќе ни помогнат за го разбереме животот на младите рисови во Македонија кои ќе ни помогнат во нивното понатамошно зачувување, сметаат членовите на Програмата за закрепнување на балканскиот рис којашто ја спроведува МЕД.
Инаку, статусот на балканскиот рис е критично загрозен поради фактот дека бројот на возрасни единки кои се способни за репродукција е помал од 50 и според стандардите на Меѓународната унија за заштита на природата унијата тој е на праг пред да биде целосно исчезнат од нашата фауна. Балканскиот рис за прв пат се најде на (IUCN) на 19 ноември 2015 година. Најзначајните закани за опстанокот на рисот се: криволовот, драстичното намалување на неговиот плен и уништување и фрагментација на неговите станишта.
Програмата за закрепнување на балканскиот рис, меѓу другото, веќе десет години се обидува да го спречи овој негативен тренд. Резултатите од интензивниот мониторинг покажаа дека барем во јадровите подрачја, Националниот Парк Маврово и планината Мунела во Албанија, ова опаѓање е запрено. Секако, опстанокот на балканскиот рис ќе зависи не само од овие, туку и од сите останати подрачја на Балканот кои поседуваат погодни станишта за рисот и неговиот плен“, велат оттаму.