Сопругата на претседателот Стево Пендаровски, д-р Елизабета Ѓоргиевска е новиот стручен соработник во четвртата сезона од националната кампања ,,Ги запознаваме ретките болести” 2022. Станува збор за новата, четврта сезона на проектот во која ќе бидат опфатени нови 28 ретки дијагнози и вкупно обработени 111 дијагнози, а со тоа и македонската Википедија е збогатена со 111 дијагнози.
Веста за ,,Фокус” ја потврдија од здружението за ретки болести ,,Живот со предизвици”, од каде порачаа дека се горди што ја имаат поддршката од првата дама во земјава.
-Професор д-р Елизабета Ѓоргиевска е доктор на стоматолошки науки и специјалист по педијатриска и превентивна стоматологија.
Дел од ретките синдроми се пропратени со аномалии во стоматогнатниот систем-велат од здружението, појаснувајќи дека во кампањата веќе се вклучиле голем број на лекари – специјалисти, во улога на стручни соработници.
За соработката со д-р Ѓоргиевска разговаравме со Гордана Лолеска, мајка на дете со ретка болест, член во здружението, иницијатор на проектот и голем борец за подобрување на животот и правата на лицата со ретки болести во земјава.
-Со Супер радио, и „Живот со предизвици” пред 3 години почнавме скромно, но со голем ентузијазам и со тројца стручни соработници. Оваа година тимот на стручните соработници сега за сега брои 20 доктори кои со пишување текстови за ретки болести даваат голем стручен придонес за проектот.
Како најнова соработка би ја спомнала соработката со Професор д-р Елизабета Ѓоргиевска, доктор на стоматолошки науки и специјалист по педијатриска и превентивна стоматологија.
Контактите со Проф. Ѓоргиевска се од пред неколку години. Како прва дама секогаш е тука за помош и поддршка за пациентите со ретки болести, вклучување во одбележување на денот на ретките болести како и поддршка во настаните кои ги организираме- вели Лолеска.
Додава дека Ѓоргиевска не се двоумела кога и била понудена соработката, со цел да даде свој придонес во кампањата.
-Професор Ѓоргиевска без двоумење и со големо воодушевување ја прифати поканата да биде наш нов стручен соработник на новата сезона од националната кампања ,,Ги запознаваме ретките болести” бидејќи и дел од ретките синдроми се пропратени со аномалии во стоматогнатниот систем.
Би сакала да упатам јавна благодарност до целиот тим на стручни соработници кои неуморно го помагаат проектот како и благодарнот до вашиот медиум за поддршката одвоениот простор и време за видливост на оваа кампања- ни изјави Лолеска.
Појаснува дека кампањата успешно се реализира веќе три години по ред, а ангажираноста на професорите и докторите била клучна за успехот.
-Чест и задоволство ми е што од една мала идеја да се направи нешто ново во Февруари месецот на ретките болести самиот проект прерасна во Национална кампања, последно емитувана на 50 медиуми од Македонија и два сателитски медиуми.
Успехот на навремената реализација на проектот се должи не само на мене како носител на проектот, туку и на огромната ангажираност на професорите и докторите без чија помош и поддршка овој проект немаше да го види светлото на денот.
Веќе почнавме со подготовката на дијагнозите за следната сезона, Февруари 2022, бидејќи самиот процес е доста сложен и одзема многу, многу време (припрема на дијагноза, проверка, лекторирање, превод на албански јазик, синхронизација на македонски и албански јазик, титлување, подготовка на слики и видеа посебно за секоја дијагноза, графика за секоја дијагноза и уште многу технички работи). Сите заедно, верувам дека ќе имаме успех и ќе помогнеме да се слушне гласот на ретките, како и да се помогне во надминување и олеснување на секојдневните препреки со кои тие се соочуваат – порача Гордана Лолеска.
Вики Клинчарова