Првата дама на „Охридско лето” преку моден детал ја истакна својата дипломатска умешност!

by fokus

Синоќа во Античкиот театар во Охрид свечено се отвори 63-то издание на фестивалот „Охридско лето”.

Фестивалот традиционално за отворен го прогласи претседателот Стево Пендаровски, кој е покровител на оваа најголема музичко-сценска манифестација во земјава и регионот.
Тој присуствуваше заедно со неговата сопруга Елизабета Ѓоргиевска, која на секое јавно појавување во годините откако ја носи титулата Прва дама, со својот моден избор ги оправдува и потврдува позитивните критики на модните критичари, според кои едноставно секогаш знае да го направи вистинскиот избор.

Во Охрид Ѓоргиевска се појави во црн елегантен фустан со ремен и со едноставен крој, но деталот кој го привлече вниманието беше апликацијата во долниот дел – бел лебед, како симбол на езерото, кој совршено се вклопил во нејзината комплетна стилизираност, но исто така придонел да се искористи модата и како симболика.

Првата дама е позната по своите совршени модни комбинации, и вешто умее да ја изрази дипломатската умешност преку изборот на гардеробата, но и деталите.

Секогаш е елегантна, одмерена, но притоа успева да биде забележана и запаметена со својот избор.

Познато е дека редовно соработува со македонски дизајнери и достоинствено ја претставува земјата на церемониите на кои се појавува.

Прави линии и форми, малку детали, но секогаш прецизно и мудро одбрани, односно модната зрелост и изградениот стил е она по кое Ѓоргиевска е препознатлива за време на сите официјални појавувања, каде се нашла како придружба на својот сопруг.

,,Охридско лето” ќе трае до 20-ти август, а љубителите на уметноста ќе имаат прилика да уживаат во 34 концерт и седум театарски претстави, а програмата ќе биде збогатена и со балет, изложба на фотографии и промоција на книга.
На фестивалските сцени, Антички театар, Долни Сарај, Предворје на Св. Софија, Црквата Св. Софија и Центарот за култура, покрај домашните, ќе присуствуваат над 1.000 уметници од над 20 земји од светот, и тоа од Србија, Чешка, Италија, Словенија, Полска, Франција, Турција, Израел, САД, Украина, Шпанија, Црна Гора, Грција, Германија, Романија, Португалија и Египет.

Вики Клинчарова

Поврзани новости