Фудбалскиот шампион на Македонија, екипата на Струга Трим Лум со минимални 1-0 славеше против црногорска Будуќност, па ова е прв триумф за стружани во европските натпреварувања.
Иако пропуштија неколку шанси поубедливо да го совладаат црногорскиот тим и да обезбедат подобра предност пред реваншот, сепак играта ветува пласман во следната фаза од Конференциската лига.
Клучниот момент на средбата се случи во 30. минута кога по асистенција од Радески, Бесарт Ибраими погоди за победата од 1-0.
Ибраими пропушти уште неколку добри шанси, а не реализираа ниту Радески и Шабани.
Во вториот дел Струга го намали темпото, Црногорците воспоставија рамнотежа, но промена на резултатот немаше.
Победникот од овој двомеч во шампионската група во Конференциската лига оди во третото коло против подобриот од дуелот ТНС – Есперанж (1-1 по првиот меч).