Прв смртен случај од корона вирус, почина 57-годишна жена од Куманово

by Fokus

Жена на возраст од 57 години од Куманово е првиот смртен случај од корона вирус во Македонија.

„По два негативни бриса, добиен е позитивен брис дури по смртта, соопшти министерот за здравство Венко Филипче.

И нејзиниот 33 годишен син е заразен и префрлен на Инфективна клиника.

Министерот Филипче најави нови рестриктивни мерки за граѓаните над 65 години и за младите до 18 години кои иако не се ризична категорија, се големи преносители на коронавирус.

Министерството за здравство информира дека во изминатото деноноќие се регистрирани 29 нови случаи на коронавирус во земјата. Со ова бројката на дијагностицирани пациенти со КОВИД-19 денеска до 12.00 часот, изнесува 114. По градови: Скопје (22), Штип (3), Дебар (2), Куманово (1) и Охрид (1).

Според местото на живеење, досега случаи на КОВИД-19 се регистрирани во: Скопје (65), Дебар (36), Штип (7), Кавадарци (2), Охрид (2), Гостивар (1), Куманово (1).

На Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби во моментов се хоспитализирани 24 пациенти. 7 пациенти се континуирано на третман со кислород, 11 се веќе во стабилна – добра здравствена состојба. Утре, по истекот на 14 дена од поставување дијагноза, кај 6 пациенти ќе се зема контролен брис.

Од нив 5 се во добра состојба, а кај пациентката кај која имаше влошување нема промена на состојбата и таа се уште е на респираторна машина. Пациенти кои се на домашно лекување се во постојан контакт со лекарите.

Поврзани новости