Прв случај на новиот коронавирус во Тајван

by fokus

Тајван денеска соопшти дека го  регистрирал првиот случај на новиот коронавирус, пренесоа светските агенции.

Заболувањето е дијагностицирано кај 55-годишна Тајванка, која вчера се вратила од кинескиот град Вухан, каде заразата беше откриена првпат во декември.

При своето пристигнување на меѓународниот аеродром Таојуан во Тајпеј жената веќе имала треска, кашлица и болки во грлото и самата ги побарала здравствените лица за да им каже за својата состојба, соопшти националниот Центар за контрола на заболувањата.

„Го повикуваме населението да не паничи, бидејќи жената директно од аеродромот била одведена во болница”, се наведува во соопштението на Центарот, што веднаш се поврзал со Светската здравствена организација и со Кина.

Болната жена уверувала дка во Кина не посетувала зелени пазари, ниту во Вухан била во контакт со птици или диви животни.

Здравствените власти ги прегледале сите 46 лица кои со неа биле во авионот, и патници и екипажот.

Кина денеска соопшти дека веќе има регистрирано околу 300 случаи на ова заболување, а во Вухан, каде е епицентарот на епидемијата, починаа шест лица, јавија француските медиуми.

Заразени со овој нов тип на коронавирус, исто така, има и во Јапонија, Јужна Кореја и Тајланд.

Светската здравствена организација (СЗО) утре ќе одлучува дали ќе прогласува меѓународна вонредна состојба во сферата на јавното  здравје.

Поврзани новости