По неколкудневната црна медиумска кампања на провладините медиуми кон Специјалното обвинителство, особено по отворање на истрагите за „Тортура“ и „Тврдина“ ниту збор од „куририте“ за притворот на Горан Грујевски од Петтата управа. Иако веста многу брзо се пренесе преку другите медиуми, но и преку социјалните мрежи и од вчера е топ тема во медиумскиот простор, сепак провладините не објавија ниту збор.
Познато е дека неколку приватни национални телевизии, портали и весници важат за блиски до ВМРО ДПМНЕ и ја спроведуваат нивната политика со постојано пласирање на поинаква вистина. Исто како што е познато дека Центарот за комуникации на партијата и поединци на партијата се мешаат во уредувачката политика на голем број медиуми, но целосно е погрешно и непрофесионално да се премолчи мерката притвор, особено што станува збор за висок функционер, но и за голем криминален предмет наречен „Тврдина“.
Тежината на досието, според Специјалното обвинителство прозилегува од сторениот криминал- уништени системи за прислушување, предизвикана штета за државата, незаконски формирана комисија, злоупотреба на човечките ресурси во УБК, фалсификување исправи и клучното- сето тоа е направено за да се заштитат лицата во УБК кои прислушувале.
Молкот на провладините медиуми за притворот на Грујевски е само потврда дека голем број медиуми делуваат според инструкции на ВМРО ДПМНЕ и дека е неопходна реформа во медиумскиот простор.