Со драматична поворка која се движеше низ американскиот Kонгрес, лидерите на демократското мнозинство во Претставничкиот дом формално ги доставија доцна синоќа документите за импичмент на претседателот Доналд Трамп до Сенатот.
На тој начин, се создадоа сите предуслови за третиот судски процес во американската политичка историја, за отповикување на претседателот на САД.
Со помпезната церемонија и протоколот на пратениците во долниот дом, кој е под контрола на Демократската партија, процедурата на импичмент сега се сели во Сенатот, каде мнозинство има републиканската партија.
Денеска учествуваме во настан од историско значење, оцени спикерот на претствничкиот дом, Ненси Пелоси.
-Сакам да биде јасно дека овој претседател ќе понесе одговорност, дека никој не е над законот и дека ниту еден претседател во иднината, не смее ниту да помисли дека членот 1, извинете членот 2, им овозможува да прават што сакаат, порача Пелоси.
Претходно, Претставничкиот дом со 228 гласа за и 193 против, речиси целосно по партиски линии, гласаше за испраќање на обвинението против Трамп во Сенатот. Ваквото гласање е јасен одраз на длабоко поделената нација на почетокот на годината кога ќе одржат и претседателските избори во САД.
-Сигурен сум дека ова тело може да се издигне над профитот на кус рок и партиската грозница и да му служи на долгорочниот најдобар интерес на нашата нација. Можеме и мораме тоа да го направиме, порача лидерот на мнозинството Мич Меконел.
Претставничкиот дом пред еден месец го отповика Трамп, тврдејќи дека ја злоупотребил својата претседателска функција со притисокот врз Украина да спроведе истрага за неговиот потенцијален ривал на претседателски избори, Џо Бајден. Тој беше обвинет и заради опструкцијата на истрагата на долниот дом на Конгресот.
Од денеска Сенатот се трансформира во суд за отповикување на Претседателот. Според американскиот устав, Претседателот на врховниот суд, Џон Робертс, ќе биде одговорен за судскиот процес а сенаторите , кои ќе играат улога на поротници, ќе положат заклетва пред него дека својата работа ќе ја спроведат на непристрасен и објективен начин.