Процесите на денационализација и асимилација предизвикале отпор кај Македонците во Пиринскиот крај

by Fokus

За тоа постојат бројни историски документи, како и за прогонувањето и измачувањето на Македонците од пиринскиот крај, кои и понатаму пројавувале и манифестирале македонско национално чувство и се спротивставувале на обидот за бугаризација

Пишува: Стојан АНДОВ

Во историската меморија на македонскиот народ, бугарскиот комунистички водач Георги Димитров останува запаметен со говорот во бугарското народно собрание по Втората светска војна, при што истакнал:

Во интерес на процесот на зближување и идното обединување на македонските области од двете страни, нашата партија се согласи да се воведе како задолжителен предмет официјалниот македонски јазик во пиринскиот крај. И допушти како учители, македонски учители од Скопје, како и македонски библиотекари за да ја распространуваат литературата на македонски јазик. Тоа беше доказ дека нашата партија се однесува со најголема симпатија кон обединувањето на македонскиот народ.“

Со наредба на бугарското Министерство за образование се вовело одделно изучување на македонската од бугарската историја, а под водство на Димитров, Бугарија официјално го признава постоењето на македонската нација и македонскиот јазик.

КУЛТУРНА АВТОНОМИЈА

Во декември 1946 година е спроведен попис во Пиринска Македонија и од вкупно 252.908 жители на Пиринска Македонија, 160.541 лице се идентификувале како етнички Македонци, а 9.000 лица како Македонци во останатиот дел на Бугарија.

На 9 август 1946 година е одржан X проширен пленум на ЦК на БРП (к). Во донесената резолуција на тогашната бугарска власт по однос на македонското прашање стои:

Основниот дел на македонскиот народ се има организирано државно и национално во рамките на ФНР Југославија како Народна Република Македонија, а обединувањето со другите делови на македонскиот народ претстои да се изврши врз основа на македонската Народна Република во рамките на ФНРЈ. (…)

„БРП (к) смета дека е неопходно да ги подготви условите за ова обединување зашто присоединувањето на пиринскиот крај кон НР Македонија е, пред сѐ, работа на самите Македонци, но и општа задача на Отечественофронтовска Бугарија и на ФНР Југославија.

И дека: „неопходно во периодот до присоединувањето на пиринскиот крај кон НР Македонија е систематски да се работи на културно зближување на македонското население од тој крај со НР Македонија…

Со резолуцијата, Македонците од пиринскиот крај ќе добијат културна автономија. Македонскиот литературен јазик и националната историја биле воведени во образованието. Околу 30.000 ученици биле опфатени со наставата на македонски јазик. Освен месниот наставен кадар биле испратени учители од НР Македонија.

Во 1947 година, во Горна Џумаја (денес Благоевград) биле отворени првата македонска книжарница и македонска читалница, а нешто подоцна и обласниот Македонски народен театар. Почнале да се печатат весници на македонски јазик („Пиринско дело“ и др.) и биле основани македонски литературни кружоци и културно-уметнички друштва.

На 7 ноември 1947 година бил отворен првиот професионален Обласен македонски народен театар во Горна Џумаја, кој претставувал извонреден културен и политички настан.

АСИМИЛАЦИЈА НА МАКЕДОНЦИТЕ

Резолуцијата на Информбирото „за состојбата во КПЈ“ на партиската и државната раководна структура на НР Бугарија била искористена како повод за обновувањето на големодржавните апетити и аспирации кон Македонија.

Промените во ставовите на бугарската партиска и државна структура што придонеле за обнова на процесите на денационализација и асимилација на Македонците во пиринскиот дел на Македонија предизвикале отпор на Македонците во пиринскиот крај. За тоа постојат бројни историски документи, како и за прогонувањето и измачувањето на Македонците од пиринскиот крај, кои и понатаму пројавувале и манифестирале македонско национално чувство и се спротивставувале на обидот за бугаризација.

Бугарска историографија и денешната бугарска политика, ставовите на Димитров ги поврзуваат со резолуцијата на Коминтерната од 1934 година, а разгледувањето на македонското национално прашање и националните права на Македонците во пиринскиот дел на Македонија, работите ги свртуваат „на глава“, обидувајќи се да го оспорат постоењето на македонскиот народ, нација, јазик, држава, црква…

Многумина, не само во нашата земја, туку и ширум Европа, па и во Бугарија, се изненадени од жестината и од содржината на ставовите на бугарските политичари и историчари во однос на отворените историски прашања, но тие ниту се нови, ниту отстапуваат од пораките што доаѓаат од Софија во изминатите 60 години.

За тоа јавно говорат многумина интелектуалци, експерти од разни области (историографија, лингвистика, философија итн.) од светот, меѓу нив има и Бугари, а тоа го елаборираше неодамна, мошне аргументирано во интервју за Ал џазира, и познатиот американски философ, политичко-економски аналитичар Јоширо Френсис Фукујама, автор на книгата „Крајот на историјата и последниот човек“.

ТРИТЕ УСЛОВИ НА БУГАРИЈА

На 9 ноември 1970 година, пред точно 50 години, во Софија се одржа средба на тогашните бугарски и југословенски функционери, на која главна тема беше „македонското прашање“. Реплицирајќи им на бугарските политичари, кои, користејќи аргументи од средновековната историја, тврдеа дека Македонците се Бугари, југословенскиот политичар Вељко Влаховиќ коментирал дека веројатно по триесет или педесет години, луѓето ќе се смеат на такви расправи. Но, „за жал, половина век подоцна, сè уште речиси никој не се смее“, како што истакна за Дојче веле, бугарскиот историчар Чавдар Маринов.
Блокирајќи го патот на Северна Македонија кон ЕУ, Бугарија поставува три услови што се обидува да ги наметне со децении, а имено признавање на „историската вистина“ за бугарското потекло на македонската нација и јазикот, откажување од тврдењата за постоење македонско малцинство во Бугарија и преформулирање на учењето за бугарската „фашистичка“ окупација во текот на Втората светска војна.

За овие теми сум пишувал повеќепати во своите колумни, а во оваа пригода го цитирам белгискиот историчар Рејмонд Детрез од неговото интервју за ДВ:

Нема дилема дека словенските дијалекти што се говорат во Бугарија и во Македонија, тука ги вклучувам и грчка Македонија и грчка Тракија, припаѓаат кон еден заеднички јазички континуум. Кон него се блиски и некои дијалекти во регионот на Ниш и Косово. Од сосема друга природа е фактот дека врз основа на истиот континуитет на дијалекти можат да се појават два или повеќе национални литературни јазици.

Токму тоа се случи во поранешна Југославија, каде што полицентричниот литературен јазик „српско-хрватскиот“ се распадна на српски, хрватски, босански и на црногорски литературен јазик. Создавањето национален литературен јазик е политички чин што секоја држава го решава сама.

Бугарија може да го користи изразот „македонска литературна норма“ за внатрешна употреба, но не може да го оспори правото на Северна Македонија да го нарече својот национален јазик „македонски“. Јазичните приговори, дури и да се научно валидни, тука се ирелевантни затоа што прашањето е меѓународно-правно. Аргументот дека македонскиот јазик е „вештачки“ е бесмислен.

СТАВОВИТЕ НА ТОДОР ЖИВКОВ

Формирањето на бугарската нација, според „очевидци“ како Априлов, Раковски, Балабанов и други, почнало во 30-тите години на 19 век и се совпаднало со реформите на османлиската држава познати како Танзимат. Петко Славејков нѐ информира за првите манифестации на нешто како македонската национална идеологија во напис во весникот „Македонија“ од 1871 година. Кон крајот на 19 век има и други автори (најпознати се Ѓорѓија Пулевски и Крсте Мисирков), кои тврдат дека постои македонски народ и јазик.
И „македонистите“, исто така, се обидуваат да изградат македонска национална заедница, неизбежно обрнувајќи посебно внимание на оние обележја со кои Македонците се јасно поразлични од оние со кои, всушност, имаат најмногу заедничко – Бугарите.

Но, градењето на македонската нација завршува дури по Втората светска војна, кога македонските национални дејци веќе ги имаа потребните ресурси што може да ги обезбеди само една држава: училишта, медиуми, полиција, армија и научници, кои етаблираат национален литературен јазик и официјална верзија на националната историја. Притоа, македонскиот процес на градење нација во ништо не се разликува од оној на другите нации, вклучувајќи ја и бугарската.“

Денешните позиции на бугарската држава се утврдени во низа одлуки на највисоките политички раководители и раководни тела на почетокот на 1960-тите, и оттогаш до денес, се без никакви значајни измени. Изјавите на водечки политичари од Бугарија, (претседателот Румен Радев, поранешната министерка за надворешни работи, Екатерина Захариева, поранешниот министер за одбрана, Красимир Каракачанов, врбуван од Шестата управа на бугарската тајна служба во 1989 година, со псевдоним „Дончо“, претседателката на Бугарската социјалистичка партија, Корнелија Нинова, бугарските европратеници Андреј Ковачев од политичката партија ГЕРБ на Бојко Борисов и Ангел  Џамбаски од ВМРО БНД и др.), на што сум укажувал повеќепати во колумните во „Фокус“ како и на тамошните историчари, понекогаш се до збор исти со оние на поранешниот комунистички диктатор Тодор Живков и на истакнатата комунистичка бугарска и советска функционерка Цола Драгојчева.

Поврзани новости