Иницијативниот одбор за промени во ВМРО-ДПМНЕ, составен од поранешни партиски и јавни функционери, кои после парламентарните избори побараа повлекување на партиското раководство предводено од Христијан Мицкоски, ја проблематизира легалноста на постапката за усвојување на новиот статут.
Во жалбата поднесена до повисокиот Апелацискиот суд на 31 август годинава во однос на решението на надлежниот граѓански суд, со кое впрочем се одобрува новиот статут на ДПМНЕ, се оспорува мандатот на дел од членовите на Централниот комитет на партијата што го усвои „партискиот Устав“ на 21 јуни.
-Мандатот на поголемиот дел од членовите на Централниот комитет бил истечен во време кога е изгласан новиот статут и на тоа се темели жалбата до апелација – вели поранешниот градоначалник на Аеродром Ивица Коневски, еден од фронтмените на иницијативата за промени во опозициската партија.
На тој начин, противниците на Мицкоски се обидуваат да го вратат на сила стариот статут, каде експлицитно беше наведено дека во работата на вонреден конгрес учествуваат старите делегати, односно делегатите од претходниот конгрес.
Како што е познато, тие бараат одржување на вонреден конгрес за изгласување на (не)доверба на Мицкоски, на кој ќе учествуваат токму старите делегати кои го избраа актуелниот партиски лидер на валандовскиот конгрес кон крајот на 2017 година, по повлекувањето на Никола Груевски.
Меѓутоа, од раководството на ДПМНЕ велат дека засега одржувањето на конгрес не е опција, откако партискиот ЦК го одбил барањето на Мицкоски за негово одржување, но дури и да се одржи, истакнуваат од таму, ќе се одржи со нови делегати.
-Делегатите од Валандово се избрани на конгресот што се одржа во Куманово во мај 2015 година и нивниот четиригодишен мандат е истечен уште минатата 2019 година – вели висок функционер на ВМРО-ДПМНЕ.
Покрај тоа, додава тој, делегатите се претставници на базата и комитетите, како и од редовите на младината, организацијата на жени, од комисиите, пратениците, каде во меѓувреме има други луѓе кои би биле делегати на евентуалниот конгрес.
Иако процедурата за статутарни промени започна уште по внатрепартиските промени во 2017 година, кога Мицкоски го наследи Груевски на лидерската позиција во партијата, сепак, новиот партиски статут беше усвоен веднаш после последните парламентарни избори.
В.С.