Фељтонот за прв пат е објавен во неделникот „Фокус“ пролетта 2010. Третиот дел може да го најдете на овој линк.
Четвртиот дел од нашиот фељтон почнува со отсликување на атмосферата неколку дена по руските парламентарни избори 2003 година. Новоназначениот претседател на Државната дума, Борис Гризлов, прогласува апсолутна победа, која значи дека повеќе од 38 проценти од руските граѓани, повеќе од 22 милиони души гласале за победоносната Путинова партија Единствена Русија.
Гризлов потенцира дека победата е резултат на следењето на Путиновиот курс. Неговите зборови ја претскажуваат руската иднина:
„Нашиот кандидат на претстојните избори веќе е јасен: претседателот Владимир Владимирович Путин. Наш долг е да се погрижиме тој да победи убедливо“.
За Гризлов, по се изгледа Државната дума без дебати ќе е чекор напред. На 24 декември 2003 година, група избирачи ја поднесоа кандидатурата на Путин за претседателските избори.
Од тој ден, тие можат официјално да ја спроведуваат својата кампања. Божем до сега не го правеа токму тоа, заклучува Политковскаја!
23 декември
Валерија Новодворскаја, лидерка на партијата Демократски сојуз, ја доби во Санкт Петербург наградата „Старовојтова“ за „нејзиниот придонес во заштитата на човечките права и закрепнувањето на демократијата во Русија“.
Наградата го носи името на Галина Старовојтова, лидерка на партијата Демократска Русија, која беше убиена од специјален одред на Главната разузнавачка управа на армијата (ГРУ), на влезот од сопствениот дом.
За време на церемонијата, Новодворскаја рече:
„Ние не сме во опозиција, туку во конфликт со сегашниот режим. Нема да учествуваме на претстојните избори. Ќе ги бојкотираме, и покрај тоа што ништо нема да се промени“.
Опозиција во Русија се, пред се – зборовите, но, Новодворскаја ги употребува со исклучителна точност и прва ја зазема таа позиција.
38% од гласачите или повеќе од 22 милиони души гласале за партијата на Путин
ИНТЕЛЕКТУАЛНА ПУСТИНА
Московскиот градски суд за две копејки го зголеми обештетувањето досудено на една од вдовиците од „Норд-Ост“, Ала Аљахина, чиј сопруг, бизнисмен, загина за време на нападот на театарот на 26 октомври.
24 декември
Прво заседание на Обединетиот демократски совет на Јаблоко и на Сојузот на десните сили, на кое главна тема се перспективите за општо политичко преживување.
Точката за предлагање на претседателски кандидат, кој ќе го претставува обединетиот демократски фронт, беше симната од дневниот ред. Од интервјуто со Григориј Јавлински:
Зошто Јаблоко откажува да учествува на претседателските избори?
– Затоа што нашите избори веќе не се дури ниту релативно демократски.
Тогаш зошто учествувавте на парламентарните избори?
– Токму сомнителните резултати од парламентарните избори покажаа дека не може да се продолжи вака. За време на последните избори беше уништена позицијата на бизнисот. Сега ниту еден бизнисмен не смее да даде пари за политичка кауза без дозвола на Кремљ.
Како ја гледате иднината на Јаблоко?
– Таа е како на цела Русија. Власта сигурно ќе создаде паралелна псевдодемократска партија или конечно ќе не уништат. Ниту за миг не верувам дека ќе не остават на мира да се подготвиме за следните избори.
Еднопартиска Дума, така ли? Но, Комунистичката партија уште е таму.
– Формално, да. Но, ако земете пет души од останатите партии, поставете ги во различни соби и зададете им прашања, од типот:
„Што треба да се направи во Чеченија? Како треба да се реформира армијата? Што треба да се направи за образованието и здравството? Какви треба да ни бидат односите со Европа и со Америка?“ сите тие ќе ви одговорат исто.
Имаме псевдоповеќепартиски парламент, псевдослободни и чесни избори, псевдонепристрасен судски систем и псевдонезависни мас-медиуми. Целиот систем е само фасада, имитација.
Дали сметате дека оваа положба ќе се задржи уште долго?
– Нештата се менуваат брзо и грешат оние, кои мислат дека положбата ќе се задржи за долго. Макар нам со вас тоа може да ни се стори неверојатно долго.
Безмалку по навика се интересирам, што има да каже Јавлински. Другите новинари воопшто не му обрнуваат внимание.
26 декември
Петнаесеттата конференција на заведувачки наречената Либералнодемократска партија започна во Москва, со слоганот – „На Русите им здодеа да чекаат!“.
Жириновски нема да се кандидира за претседател.
„Ќе понудиме потполно непознат човек, но, јас лично ќе ја раководам партијата за време на претседателските избори“, објави тој.
Конференцијата го номинираше Олег Малишкин, тренер по борење, кој е телохранител на Жириновски и тотален идиот. За време на првото телевизиско интервју како претседателски кандидат, тој не успеа да се сети која му е омилената книга.
Не е само дека Путин нема конкуренти, со кои ќе се натпреварува. Целата ситуација, во која се организираат изборите, е интелектуална пустина. Нема никаква логика, смисла, ниту искричка сериозна мисла. Кандидатите немаат програми и човек не може да си претстави дека се способни да водат политички дебати.
Ниту еден бизнисмен не смее да даде пари за политичка кауза без дозвола на Кремљ
БОГАТАШИТЕ УЖИВААТ ВО СКАПИТЕ РЕСТОРАНИ, ДОДЕКА ПРЕТСЕДАТЕЛОТ ЈА ПОНИЖУВА РУСИЈА
Што можеме да направиме? Предизборните кампањи се создадени од демократските општества, за на луѓето делумно да им дадат можност да влијаат врз определувањето на нивната иднина, да даваат совети и насоки на кандидатите.
Нам ни се кажува да ги затвораме устите. Кандидатот број 1 најдобро знаел што им е потребно на сите и затоа немал потреба од совети од никој. Нема кој да ја смири неговата безочност. Русија е понижена.
27 декември
Централната изборна комисија го дисквалификува мајсторот за ковчези, Стерлигов. И веднаш се самопредложи Виктор Анпилов, шут од движењето „Работна Русија“. Од трн, па на глог.
28 декември
Најпосле најдоа „достоен“ соперник на Путин: Партијата на животот (уште една партија-џуџе, создадена од заменикот шеф на претседателската администрација Владислав Сурков) ја издигна кандидатурата на Сергеј Миронов, претседател на Советот на федерацијата.
И тој веднаш изјави: „Јас го поддржувам Путин“!
Во тек е конференцијата на Руската комунистичка партија. Комунистите го предлагаат Николај Харитонов, чуден и дрдорлив човек, бивш офицер од КГБ. Просто прекрасно!
Иван Рибкин објави дека ќе се кандидира. Тој е креатура на Путиновиот главен опонент Борис Березовски, кој во овој момент се наоѓа во прогонство во странство. Порано Рибкин беше претседател на Државната дума и на Советот за национална безбедност. Но, каков е денес, ќе покаже времето.
Во меѓувреме, во Москва царува затишје. Богаташите немаат апсолутно никакви грижи – сите се отидени на одмор. Престолнината е многу богата. Сите ресторани, дури и најскапите, се преполни или затворени за новогодишните празнувања на фирмите.
Масите се натрупани со деликатеси, незамисливи за останатите Руси. Само за една вечер се расфрлаат илјадници долари. Тоа, ли, е последната повелба на Новата економска политика на 21 век?
29 декември
Прва сесија на новата Државна дума.
Путин изјави дека парламентот „треба да помни дека власта произлегува од народот… Нашите главни приоритети се најмногу да се концентрираме врз прашањата поврзани со квалитетот на животот на нашите граѓани… Загубивме значително време и напори за да ја насочиме Думата од политички борби кон конструктивна работа… Треба да извршиме пробиви на сите фронтови… Имаме целосна основа да тврдиме дека ова е време на закрепнување на парламентарната демократија во Русија… Секакви дебати се непотребни…“!
Присуствуваше и Владислав Сурков од претседателската администрација. Тој е политичкиот манипулатор, создавач на политички партии, лукав и опасен, на кого Единствена Русија му го должи уставното мнозинство. Независниот пратеник од Алтајската област, Владимир Рижков, објави дека има намера судски да го оспори составот на Државната дума. „Избирачите не и дале на Единствена Русија мандат за уставно мнозинство“.
Не и дале? Е, и што од тоа? Живееме во времиња кога државната власт нема ниту капка срам.
Сергеј Шојгу, министер за вонредните ситуации и висок функционер на Единствена Русија, кој во никој случај не е најголемиот глупак во партијата, безмалку предложи таа да стане „партијата, која ќе гарантира јавна отчетност за извршувањето на претседателските решенија“.
На противкандидатие на Путин им било важно да учествуваат на избори, а не да победат
РУСИТЕ САКААТ ПОДОБАР ЖИВОТ, АМА НЕ САКААТ ДА СЕ БОРАТ ЗА НЕГО!
Во краен случај, Ирина Хакамада може да се кандидира за претседателка. Сите демократи и либерали претходно ја жигосуваат со тврдењето, дека претседателската администрација и предложила зделка, за да може Путин да победи барем еден интелигентен конкурент. Бившиот шеф на Центробанк, а денес пратеник од партијата Родина, Виктор Герашченко, исто така реши да се кандидира.
30 декември
Ирина Хакамада потврди дека ќе се кандидира за претседателка. Се премислувала едно деноноќие, откако иницијативна група и упатила предлог. Дали и го пратиле од Кремљ? Хакамада има рок до 28 јануари да собере два милиони потписи.
На Виктор Герашченко не му е потребно собирањето потписи, затоа што Родина е парламентарно претставена партија. Ја исфабрикува Владислав Сурков, а потоа ја финансираа различни олигарси. Сергеј Глазиев, исто од Родина, ќе се кандидира како независен.
Путин имаше потреба од конкуренти и ги доби како новогодишен подарок. Сите нови кандидати веднаш објавија дека најважното не им е да победат, туку да учествуваат!?
31 декември
Тажно збогување со 2003-та. Парламентарните избори беа голема победа за апсолутизмот на Путин, но, колку време може да се гради една империја? Тоа води до репресии и во крајна линија до застој. Каде што и сме се упатиле.
Нашиот народ е уморен од со него спроведените политички и економски експерименти. Многу му се сака да живее подобро, само што не сака да се бори за тоа. Очекува се да му дојде „од горе“ па, доколку „од горе“ доаѓаат репресии – луѓето се помируваат со нив. Најпопуларниот виц на интернет:
„Во Русија е ноќ. Џуџињата фрлаат долги сенки“!
Гледачите на „Слободно слово“ на НТВ гласаа за Русин на годината. Меѓу номинираните беа Владислав Сурков (за придонесот кон разурнувачката победа на Единствена Русија), академик Виталиј Гинзбург (Нобелова награда за квантна физика), новосибирскиот режисер Андреј Звјагинцев (чиј прв филм „Враќањето“ го доби Златниот лав на филмскиот фестивал во Венеција), Георгиј Јарцев (тренер на рускиот национален тим во фудбал, кој го победи Велс) и Михаил Ходорковски (најбогатиот човек во Русија, кој заврши в затвор).
Гледачите го избраа Гинзбург, Сурков беше последен.
На крајот на емисијата, водителот Савик Шустер го покажа рејтингот на номинираните во анкетата на Службата за проучување на јавното мислење „Ромир“. И во неа Гинзбург излегуваше прв, а Сурков – последен. Тоа го докажува постоењето разлика меѓу моделот на реалноста, кој ни го нуди Путиновата администрација и вистинската ситуација.
Виртуелниот свет на официјалните телевизиски канали е сосема поинаков.
„Времја“ водечката информативна емисија во земјата, исто така покажа анкета за најпопуларна личност на 2003 година. На прво место беше Путин, следен од Шојгу и Гризлов!
ТРИУМФОТ НА СААКАШВИЛИ НЕ ГО ВЕСЕЛИ ПУТИН
По малку кремљските камбани ќе бијат полноќ. Последна мисла за годината: Зошто емигрираат толку луѓе? Изминатава година бројот на руски граѓани, кои аплицирале за дозвола за престој во западните држави, пораснал за 56 отсто. Според податоци на Врховниот комесаријат за бегалци на ООН, Русија е на прво место според бројот на емигранти во светот.
4 јануари
Конференцијата на Партијата на животот ја потврдува претседателската кандидатура на Сергеј Миронов. Тој, пак, повторува оти се надева дека Путин ќе победи!?
Миронов е еден од многубројните столбови на Путиновата кандидатура. Една од главните одлики на оваа предизборна кампања е стремежот, ништо да не се остави на случајноста. Зошто толку се беспокојат?
Во чеченското село Беркат-Јурт, руски војници го одвлекле Хасан Чалаев, кој работи во чеченската милиција. Не се знае каде се наоѓа.
5 јануари
Путин спроведува заседание на владата.
„Треба да им ги објасниме владините приоритети на пратениците во Думата, повеќекратно повторува тој. Не е во добро расположение. Розовата револуција во Грузија триумфира и Саакашвили ја празнува победата. Првичните резултати покажуваат дека тој ќе добие околу 85 проценти од гласовите. Тоа ќе ги разбуди раководителите на другите земји од Заедницата на независните држави. Сите, кои седат на масата со Путин, одлично го сфаќаат тоа. Не можеш вечно да ги газиш луѓето. Кога тие навистина ќе ја посакаат промената, веќе со ништо нема да можеш да ги попречиш. Од тоа ли им е страв?
Путин се прекрстува. Слава му на Бога, во светот има напредок – тој веќе се крсти сосема вешто.
6 јануари
Краен рок кандидатите за претседател да ги поднесат документите. Харитонов, Малишкин, Герашченко и Миронов се номинирани од парламентарни партии. Веќе има шест независни кандидати (Путин, Хакамада, Глазиев, Рибкин, Аксентиев и Бриндалов). Хакамада има проблеми со колегите од политичката десница. Ниту Сојузот на десните сили, ниту Јаблоко брзаат да ја поддржат или да и помогнат во собирањето потписи.
Тоа малку и дава претстава на протерана и само по себе може да ги натера Русите да гласаат за неа. Ние ги сакаме партиите, но исто така ги сакаме и победниците. Луѓето се восхитуваат од тоа, како Путин успеа да ги измами сите останати.
Оние од златната средина се предаваат. Денес е православниот празник Бадник – по традиција луѓето си даваат подароци и вршат добри дела (макар не и јавно). Путин лета со хеликоптер во Суздал. Треба да ги добие изборите, затоа личниот живот му е јавна сопственост.
Во Суздал ги обиколува старите цркви, ги слуша напевите на послушниците во еден од метосите и позира пред телевизиските камери – и несомнено пред печатот пред божикната служба. Репортажата го прикажува сам, со проста селска паства од дечиња и забрадени селанки. Не се мерка ниту еден телохранител. Путин се прекрстува. Слава му на Бога, во светот има напредок – тој веќе се крсти сосема вешто.
Според друга руска традиција, жителите на врвот и на дното на нашето општество како да живеат на различни планети. Појавата на Путин меѓу обичните луѓе за Божик, не значи дека животот ќе им се промени. Јас одам да ги посетам веројатно најонеправданите, таму, каде не стапнал никој од руската елита: Психо-невролошкото сиропиталиште број 25 во предградијата на Москва.
Московските предградија не се како центарот на градот, кој денес е неверојатно раскошен. Предградијата се тивки и гладни. Таму нема дарители со играчки и со подароци, книги и памперси. Дури нема ниту Божик… Нашите политички патриоти настојуваат да биде сопрено правото, странци да посвојуваат руски деца…
– Руските богаташи воопшто не сакаат да посвојуваат деца, вели Лидија Слевак, директорката на тоа сиропиталиште за сосема мали деца.
Како какви луѓе ќе пораснат тие, штом сега живееме во таква земја?
Бранот на добротворност во Русија секна во 2002-ра, кога Путиновата администрација ги поништи даночните привилегии за таа дејност. Дотогаш децата во нашите сиропиталишта беа затрупувани со дарови и новогодишни подароци. Сега богаташите не им подаруваат ништо. Пензионерките им ги носат своите стари парталави шалови.
Во меѓувреме, овој Божик нашите новобогаташи скијаат во Куршвел, одморалиште на француските Алпи…
10 јануари
Во чеченското село Автури непознати војници го одвлекле активистот за човекови права Аслан Давлутукаев од неговиот дом. Киднаперите пристигнале со три блиндирани транспортери и два блиндирани џипа.
13 јануари
Денес е Денот на рускиот печат. Службата за проучување на јавното мислење „Ромир“ подготви анкета со прашањето:
„Во кои социјални институции имате најголема доверба?“.
Девет отсто имаат доверба во медиумите, 1 во политичките партии, 50 проценти во Путин, 28 во никој, 14 во Руската православна црква.
Владата и армијата имаат по 9 отсто доверба, локалните власти и синдикатите – 3 проценти, а органите на редот – 5. Нормално, луѓето можеле да изразат доверба во повеќе од една институција. Некои го направиле тоа.
Бранот на добротворност секна во 2002, кога Путин ги поништи даночните привилегии за таа дејност
ПУШТАЊЕТО ГАС ВО ТЕАТАРОТ ДУБРОВКА Е ЗЛОСТОРСТВО ПРОТИВ ЦИВИЛИТЕ
Жртви на терористички атентати во последните години испратија отворено писмо до сите кандидати за претседател… Авторите на писмото приложуваат список со прашања кон кандидатите – истите прашања на кои не добиле одговор од Путин.
Тие се однесуваат на експлозиите во станбените блокови и на пуштањето гас во Дубровка (кога терористи ја зедоа во заложништво публиката на мјузиклот „Норд-Ост“).
За Дубровка, прашањата се:
1. Зошто решението за пуштање гас беше донесено токму во моментот кога се јави реална можност за ослободување на заложниците со преговори?
2. Властите решија да употребат гас, кој бавно дејствува и кој можеше да даде време за експлозивните устројства да се употребат. Дали тоа покажува дека тие знаеле оти терористите не располагаат со експлозиви?
3. Зошто беа убиени сите терористи, вклучувајќи ги и разоружените, кога можеа да бидат уапсени и распрашувани за време на истрагата?
4. Зошто властите го скрија фактот дека К.Теркибаев, кој загина во сообраќајна несреќа по откривањето на неговото име, е еден од агентите на ФСС, кои учествувале во нападот на театарот?
5. Зошто за време на подготовката на нападот не била подготвена медицинска помош за заложниците, пропуст, кој доведе до смрт за 130 души?
Одговорија само Ирина Хакамида и Иван Рибкин. Хакамада ги поддржува жртвите уште од самиот почеток. Општо земено, таа е најнормална од кандидатите. Вреди да се слушнат сите нејзини искажувања до сега. Хакамада изјави дека со Путин земјата не може да напредува.
Ирина Хакамада:
„Решението за нападот на Дубровка беше донесено третиот ден. Првиот ден бев во зградата и одговарам за слученото тогаш. Останав со впечатокот дека првиот ден беше возможно да се ослободат заложниците со преговори. Сметам дека целта на нападот беше демонстрација на сила и спасувањето на луѓето не беше главен приоритет. За мене останува загатка, како е можно да бидат ликвидирани сите терористи, кои се наоѓаа на различни места во зградата и меѓу публиката, и зошто сите тие умреа по пуштањето гас, додека некои од заложниците околу нив останаа живи. Претпоставувам дека ослободувањето од терористите беше затоа што имало опасност да сведочат во отворен судски процес, дека заложниците можеле да бидат ослободени. Подвлекувам, тоа е само мое сомнение, затоа што би требало да има презумпција на невиност“. Сојузот на десните сили организираше своја истрага и стигна до заклучокот дека никој не мислел за ослободување на заложниците. Касапницата е резултат токму на таа неподготвеност. Воениот дел бил сметан за најважен аспект на операцијата и никој немал грижа за цивилите. Можам да додадам дека по трагедијата на Дубровка, господин Путин го излажа целиот свет. Во одговор на прашање на новинар од „Вашингтон Пост“ тој кажа:
„Тие луѓе не загинале од гасот, затоа што гасот беше безопасен. Тој беше безопасен и ние можеме да изјавиме дека во текот на операцијата ниту еден заложник не настрадал од гасот“!
До сега не сум дала на достап на јавноста многу од она, на кое бев сведок во театарот на Дубровка, и посебно како претседателот и некои од неговата администрација реагираа на моите обиди да ги спасам луѓето.
Се заблудував дека, на крајот на краиштата, претседателот Путин ќе помогне за установување на вистината и ќе се извини за наредбата да пуштат смртоносен гас. Но, Путин си го сочува молчењето и не им одговара на луѓето, кои си ги загубиле најблиските. Претседателот го направи својот избор и реши да ја скрие вистината. Јас ќе ја кажам. Како резултат на моите преговори со терористите во театарот на 23 октомври 2002-ра и настаните што следуваа, стигнав до заклучокот дека терористите немале ниту најмала намера да го кренат во воздух театарскиот комплекс и властите немале ниту најмал интерес да ги спасат сите заложници.
Главните настани се случија откако се вратив од зградата на театарот. Началникот на кабинетот на претседателот, Александар Волошин, ме заплаши и ми нареди да не се мешам повеќе.
Откако размислив за се што се случи, стигнав до неизбежниот заклучок, дека тој атентат помогна за распламтување на античеченската хистерија, продолжување на војната во Чеченија и зголемување на рејтингот на претседателот. Убедена сум дека со криењето на вистината, Путин извршува злосторство против државата. Ја прифаќам обврската дека кога ќе станам претседателка, ќе им овозможам на граѓаните на Русија да ја дознаат вистината за експлозивите во станбените блокови, за трагедијата во театарскиот комплекс и за многу други злосторства, извршени од власта.
Неодамна мнозина мои пријатели се обидоа да ме убедат да не учествувам на претседателските избори. Тие јавно тврдат дека уште малку и ги предавам интересите на демократите, кои повикуваат на бојкот на изборите, но, на само ме предупредуваат дека ако ја кажам вистината, едноставно ќе ме убијат. Не ми е страв од овој терористички режим. Ги повикувам и сите останати да не се плашат од него. Нашите деца треба да пораснат како слободни луѓе!”.
… Вечерта, кон крајот на разгорената дискусија, кога руските активисти за човекови права ја празнуваа старата православна Нова година во Социјалниот центар и музеј „Андреј Сахаров“ во Москва, пристигна адвокатката Карина Москаленко од затворот „Матроскаја тишина“ каде се сретнала со нејзиниот клиент Михаил Ходорковски.
Таа ги пренесе поздравите на Ходорковски до сите борци за човекови права и ја соопшти веста, дека ,единствениот идеал, кој го воодушевува денес е заштитата на човечките права,. Тој решил, доколку излезе од затворот, целосно да се посвети на работата за напредок на општеството. Успеаја да го воспитаат граѓанското самосознание кај еден олигарх. Активистите ракоплескаа како деца ка Божикна прослава.
(продолжува следниот петок)