На вториот ден на жалост, за загинатите припадници на безбедносните сили во Куманово, денеска повторно ќе се одржи протест во 18 часот пред зградата на Владата, со што демонстрантите ќе упатат порака за мир и правда. Тие велат, дека на улица ќе бидат до конечна победа.
Целото нивно соопштение ви го пренесуваме интегрално:
Вчера, на 10 мај 2015, во 18 часот во Градскиот Парк во Скопје се одржа мирен собир на активистите и граѓаните кои од 5 мај секојдневно бараат одговорност од отчовечената Влада предводена од Никола Груевски. Собирот имаше за цел да им оддаде почит на настраданите во Куманово, да изрази солидарност со граѓаните на Куманово, и да упати порака за смирено, трезвено делување во периодот кој следи!
Притоа, порачуваме дека најискрениот бран на самоорганизирано граѓанско незадоволство нема да запре! Ние веќе не чувствуваме страв, туку само гадење од авторитарната власт и нивните мрачни сценарија! Ние бараме мир и правда, а тоа може да се случи само ако тие си заминат! Веднаш!
Токму затоа, нашите барања се:
- итна оставка и преземање одговорност на целата Влада;
- итно ослободување на сите активисти притворени од 5 мај наваму;
- Влада за демократизација на институциите.
Нашиот гнев и револт тлее и се таложи со години наназад. Ние сме на браникот против секоја неправда – без оглед дали тоа е системската бруталност, лошите реформи во високото и средното образование, или државниот рекет врз хонорарците. Протестиравме и за слободата на печатот, во поддршка на медиумските работници, и побаравме ослободување на јавниот сервис и негово враќање на граѓаните. Баравме одговорност за уништениот систем на јавно здравство. Континуирано се бориме за достоинствен живот и работнички права и протестираме против грабежот, сиромаштијата и понижувањето на народот!
На 5 мај 2015, стана јасно: тие нема да си дадат оставки, обвинителството нема да ги гони, а јавниот сервис секогаш се става на нивна страна. Пред три дена, кога граѓанските протести земаа замав и се проширија низ повеќе градови во државата, во Куманово се случи вооружен инцидент.
Граѓаните што ги следат настаните, меѓу нив и жители на Куманово зборуваат за контрадикторности, недоследности и манипулации и според кои постои голем сомнеж за природата на настаните во Куманово. Во официјалната верзија за вооружениот инцидент граѓанскиот сектор увиде големи пропусти при што бараме да се одговори на мноштвото прашања кои ги бараат сите гласови во општеството поради загубата на животи и загрозување на општата безбедност.
Ние сме побројни, посплотени и посолидарни од било кога претходно. Ги повикуваме сите граѓани на Република Македонија кои не можат веќе да ја трпат неправдата, бедата и мрачните манипулации на власта, да ни се приклучат, заедно, во надетничкото, натпартиското, автентичното граѓанско движење за правда и мир!
Ќе победиме!