Македонци од Канада, денеска во 18 часот, пред Конзулатот на Република Македонија во Торонто ќе одржат мирен протестен собир под мотото „За слободни, фер и демократски избори“.
Од протестот, како што објавуваат од движењето „Протестирам“ ќе бидат испратени неколку барања, како тие во Скопје.
„Итно повлекување на одлуката за одржување на парламентарни избори на 5 јуни; итно повлекување на одлуката за аболиција на сите оние против кои се води истрага и против кои е (или ќе биде) покренато обвинение од страна на Специјалното јавно обвинителство (СЈО); формирање на специјално одделение на Кривичниот суд, кое ќе биде надлежно за случаите под јурисдикција на СЈО; формирање на преодна влада која докрај ќе ги имплементира итните реформски приоритети од извештајот на Прибе и ќе организира и распише слободни, фер и демократски избори“, се вели во информацијата од „Протестирам“.