Група граѓани, активисти и членови на опозиските партии денеска во 18:30 часот протестираа за оставка на Никола Груевски. Протестниот марш започна од „Кампот на слободата“ пред Владата и низ улиците Илинденска, Рузвелтова и Орце Николов граѓаните скандираа „Нема правда, нема мир“, „Долу диктатурата“ и „Народот на улица“.
-Оставка! Тоа е се што бараме. Оваа рута води кон неколку министерства, кои не се познати по многу транспарентност, така е многу логично дека од овде тргнавме, па поминавме покрај нив и се вративме овде за да повториме уште еднаш „оставка!“. Нема правда во Македонија без оставка на Груевски, изјави Владимир Милчин кој беше дел од протестот.
Демонстрантите маршираа под транспарентот „Граѓаните за Македонија, доаѓаме“. Тие бараат формирање на преодна влада која ќе обезбеди фер и демократски избори.