Протест за случајот Алмир пред кумановскиот суд

by fokus

Група граѓани од Куманово, предводени од семејството на покојниот Алмир Алиу на денешниот протест пред Основниот суд Куманово побараа предметот за случајот Алмир да се врати на повторно разгледување, обесштетување и ослободување на членови од семејството Алиу од вина.

На протестот се обрати Фуат Алиу кој рече дека граѓаните го изразуваат револтот против одлуката на судот.

– Се собравме денес овде да го изразиме нашата граѓанска и национална огорченост против одлуката на судот, кој наместо да го казни Бобан Илиќ, со максимална казна затвор, ги казни со затвор Абдулах и Седат Алиу за насилство, татко и чичко на Алмир Алиу како и Сами Демири. Имено, овој суд ги осуди со казна затвор две лица кои беа жртви на напад во кој изгубија малолетно дете, во меѓувреме агресорот или поточно кажано убиецот, наместо да се казни за убиство се осудува за сообраќајна несреќа. Да не го пресметавме времето ќе помислевме дека се наоѓаме во 1985-89 година, рече Фуат Алиу, претставник од семејството.

На протестот беше побарано – правда и да се слушне гласот на граѓаните и ослободување на Сами Демири и Седат Алиу од обвинителен акт, предметот на Алмир повторно да се врати на разгледување, Илиќ да се осуди за убиство со умисла, а не за сообраќајна несреќа. Семејството ќе побара и обесштетување за загубата на синот. Учесниците во протестот порачаа дека на овој начин се обраќаат и до извршната власт, премиерот, албанските коалициски партнери да не дозволат, како што истакна Алиу, политизација и етнизација на судовите. На протестот беше кажано дека на овој начин се обраќаат и на Амбасадата на САД, Мисијата на ЕУ, ОБСЕ да помогнат за воспоставање правда. Учесниците најавија дека ќе продолжат со протестите.

Поврзани новости