Вакцинирани 1040 здравствени работници, кај мал дел имало благи реакции

by fokus

Досега 1040 здравствени работници ја примиле вакцината против Ковид-19. Кај мал број од нив се пројавени реакции по вакцината како болки на местото каде таа е аплицирана и благо зголемена телесна температура, информираа од Министерството за здравство.

– Сите вакцини се безбедни и развиени на сигурни платформи. Преку веб-страницата „vakcinacija.mk“ реализирани се 63.075 пријави од граѓаните со искажување на интерес за вакцинација, посочија од Министерството за здравство.

Имунизацијата се одвива во модуларната болница на Инфективната клиника во Скопје, а се врши со 4680 од предвидените 8000 дози вакцини од производителот „Фајзер“ кои државава го доби како донација од Србија.

До крајот на неделава се очекуваат и 200.000 вакцини од кинескиот производител „Синофарм“. Државата ќе порача дополнителни 100.000 вакцини „Спутник“, со што би се надополнил севкупниот план за вакцинација. Оваа недела се очекуваат и првите информации за вакцините од Европската Унија, од директниот договор со „Фајзер“ и од Ковакс механизмот.

Поврзани новости