Дел од граѓаните на Црна Гора вчера протестираа против влезот на нивната земја во НАТО. Според организаторите, на протестот имало најмалку 5.000 луѓе, а според полицијата немало повеќе од 1.500. Протестот бил во организација на невладини организации и на опозицискиот сојуз Демократски фронт, односно движењето Нова српска демократска партија.
Демонстрантите на протестот во Подгорица скандираа „Убијци“ и носеа транспаренти на кои пишуваше: „НАТО убијци, крвави ви се рацете. Не сте добредојдени тука“. Голем дел од луѓето носеа и свеќи во сеќавање на жртвите од бомбардирањето на НАТО на тогашната СРЈ во 1999 година.
„На протестот ме донесоа сенките на 1.500 припадници на Војската на Југосалвија кои загинаа бранејќи ја оваа земја и на повеќе од 500-те цивилни жртви. НАТО е здружение на крадци, не само убијци, рече поранешниот претседател на Црна Гора и на поранешната СРЈ, Момир Булатовиќ и ги повика сонародниците да не учествуваат во судирот на НАТО со Русија.