Иако се чинеше дека најголемата винарска визба во земјава „Тиквеш“, ќе го почитува договореното и ќе плаќа по 11 денари за смедервката и 13 за вренец – картошија, сепак тоа не случи. Лозарите незадоволни, како што велат, од манипулативниот однос на визбата, денеска попладне започнаа протест пред „Тиквеш“.
Повеќе лозари добиле покани за да берат картошија, но откако стигнале со полни трактори пред визбата им било кажано дека грозјето нема да им биде откупено, доколку не надминува 19 малигани. Потоа за грозјето со 19 малигани и помалку им била понудена цена од само 8 денари за килограм. Тоа ја прелеа чашата и лозарите почнаа да го истураат грозјето од приколките пред влезот на винаријата.
За цело време додека траеше протестот, со лозарите беа градоначалникот Митко Јанчев и пратениците од Кавадарци, Даниела Колева и Зоран Јованчев.