Студенти протестираа денеска пред Универзитетот Сорбона во Париз против војната во Газа, барајќи од институцијата да ги осуди постапките на Израел. Демонстрантите извикуваа „Слобода за Палестина“, а некои од нив поставија шатори пред универзитетот.
Неколку француски политичари, меѓу кои и Матилда Пано, која ја предводи левичарската група пратеници ЛФИ во францускиот парламент, ги повикаа поддржувачите да се приклучат на протестите во Сорбона.
Зградата на универзитетот беше затворена, а протестот помина без инциденти, пренесува Ројтерс.
Во петокот, студентите од парискиот институт за политички студии го блокираа пристапот до универзитетот за време на протестот против израелските акции во палестинската енклава.
Во текот на викендот, полицијата уапси повеќе од 200 студенти во американските кампуси, а тие порачаа дека нема да се откажат од протестите и дека биле поддржани од професорите.
Студентите ширум САД бараат да се стави крај на, како што тврдат, геноцидот врз палестинскиот народ во Газа, а исто така ги повикуваат универзитетите да ги прекинат финансиските врски со Израел и компаниите кои ја овозможуваат операцијата на Израел во Појасот Газа.
Најмалку 34.488 луѓе се убиени во Газа од 7 октомври, според податоците на палестинските власти, додека 1.200 Израелци биле убиени во нападот на Хамас.