Незадоволни од третманот што го имаат на работните места и игнорантскиот однос на министерството, културните работници излегоа на протест со цел да испратат порака до министерката Канческа – Милевска да ги прифати нивните забелешки во однос на Законот за култура кој стапи на сила пред два месеца.
Со чадори на кои беше напишано „Културата не е бирократија“ тие се собраа токму пред министерството да го кренат гласот, не само против законот, туку и против условите во кои работат.
Во период кога се подготвувал законот, министерството не ги известил сите културни работници, а уште помалку не побарале мислење и сугестии од тие на кои се однесува законот. Сега кога започнал со примена, сите утрвдиле дека законот има нелогични решенија и не е применлив.
„Нашата главна забелешка е дека уметниците не може да се оценуваат според остварен учинок. Со тоа културата ја прават бирократска. Кои се тие кои нас ќе не оценуваат? Ние како сценски уметници имаме три филтри за оценка, прво ние како музичари или актери самите меѓу себе си ги препознаваме перформансите и се оценуваме, потоа имаме режисери или диригенти кои во секое време можат некој од нас да го отстранат од проба, и на крајот, клучниот оценувач е публиката. А сега, со законот некој бирократи ќе го оценуваат нашето достигнување“- реагираше Виктор Илиески, претседател на Синдикатот за култура.
Во обид да го спречи денешниот протест минситерката вчера ги повикала синдикалците на преговори со уверување дека ќе ги анализираат нивните забелешки. Нејасно е зошто Законот за култура е донесен од тесен круг на луѓе без да се консултираат вработените низ институциите.
На релација на министерството како да застанува и СОНК. Тие денеска известија дека во тек се преговори за дефинирање на колективен договор за вработените во културата. Но тоа, за синдикатот на културата е само обид да се минимизираат нивните забелешки и нивното делување. Иако под СОНК има некои културни работници, сепак новиот синдикат кој денеска протестираше вклучува 17 институции од културата и е целосно репрезентативен. Затоа тие најавија дека самостојно ќе ја водат битката против министерството и нема да дозволат СОНК да им упадне во активностите и да им ја загрозува позицијата.
Освен лошите законски решенија, културните работници напоменаа дека работат во лоши услови, за минимални плати, без надеж дека во скоро време нешто ќе се промени. Очекувано, иако протестот беше многуброен, на него не се појавија уметниците кои се врзани со власта и кои постојано имаат ангажмани од државата.