Државата итно да обезбеди пари за терапија и рано откривање на ХИВ, побараа денеска граѓански организации и активисти кои работат на превенција на ХИВ на протест пред Собранието.
Присутните на протестот реагираа откако Владата во буџетот за 2017-та година предвиде само 27 милиони денари за превенција од ХИВ , пари кои не се доволни да ги покријат потребите за живото-спасувачка терапија за една година, јави Нова.
„Кој сака да ја зацрни Македонија“, „Со кои пари ќе лекувате уште 860 ново-инфицирани“, „Сакате ли епидемија на ХИВ“, со вакви пораки испишани на транспаренти активистите ги повикаа Владата и Собранието итно да ги обезбедат потребните средства кои се обврзале пред меѓународните организации дека ќе ги одвојат за третман и превенција на ХИВ.
Во националната програма за ХИВ за 2017 година се неопходни најмалку 65 милиони денари од буџетот, според проценките на домашни експерти што ги ангажираше Министерството за здравство.
ФОТО: Либертас