Протест или фарса

Да се формира фронт на знајни и незнајни македонски патриоти ама запишани со име и презиме , кои ќе влезат во организационото тело на овие протести, со цел да се утврди стратегија и динамика на настаните кои следат

by fokus

пишува: Трифун Костовски

Почитувани читатели, денеска ќе ја прескокнам мојата вообичаена колумна за стечајот на Еуростандард банка.

Денес ќе пишувам за веќе отпочнатите протести пред Владата на РМ поради неприфаќањето на францускиот предлог за решавање на спорот меѓу Македонија и Бугарија за дигање на ветото и утврдување на датум за отпочнување преговори за влез во ЕУ .

Моментумот низ кој минуваме, со многу разбирлив јазик значи дека Македонија ќе отпочне преговори и ќе стане членка на ЕУ, по цена ние Македонците да дозволиме така „фино“ , баш како „френч кисс“ да го  изгубиме нашиот  национален идентитет, јазик, култура, историја, традиција. Чинот за вакво „префинето“ македонско разнебитување мора да го сопреме.

Веќе три дена зад нас се организираат протести пред Владата на РМ, каде граѓаните,  по националност Македонци, го изразуваат своето незадоволство кон актуелната Влада на РМ. Јас како поединец и многумина како мене по националност Македонци кои не се членови на партии талкаме по информации на сите можни начини, вклучително и социјалните мрежи да дознаеме кој се организаторите на овие протести.

Чувството на таинственост кое владее во етерот и потребата да биде обзнането во јавноста е сеприсутно. Прашувам зошто? Зошто страв?

БАРАМ ТРАНСПАРЕНТНОСТ

Почитувани читатели, јас го искажувам мојот личен став на сериозна загриженост поврзана со мојот национален идентитет. Политичките партии од опозицијата кои беа промотори за организација на овие протести стојат во сенка на овие настани, давајќи простор дека некои невладини организации се оганизатори на овие протести.

За многумина од нас се поставува прашањето, зошто таинственост? Под велот на невладини организации многу нешта може да се сокријат. Барам транспарентност. Дали овие протести ќе вродат со плод? Дали овие протести ќе овозможат да се замрзнат преговорите со Бугарија и ЕУ?

Целта на протестите е токму тоа, да се каже НЕ на францускиот предлог и да се замрзнат преговорите со Бугарија и ЕУ, доколку се инсистира на негово прифаќање. Компромис, на моја штета како Македонец, не прифаќам.

Неопходно потребно е да се формира фронт на знајни и незнајни македонски патриоти ама запишани со име и презиме , кои ќе влезат во организационото тело на овие протести, со цел да се утврди стратегија и динамика на настаните кои следат.

Мора да се даде форма на овие протести. Организацијата на протестите мора да биде совршено компатибилна со барањата за зачувување на нашата национална посебност.

„ШАРЕНИТЕ“ СЕ ВСЕЛИЈА ВО КАБИНЕТИ

Импровизација со протестите не смее да има. Тие мора да бидат беспрекорно организирани со јасно искажани пораки кои ќе одекнат во јавноста, а посебно до челниците на актуелната влада на РМ, вклучително и опозицијата во Парламентот.

Искуството од Шарената револуција е многу свежо. Спонтаната реакција од нас граѓаните во РМ на криминалните деанија на тогашната Влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ, беше украдена од СДСМ која денеска е власт во РМ.

Неколкумина од промоторите на Шарената револуција, така наречени Невладини организации, се вселија во владините кабинети и дипломатски претставништва на РМ низ светот , додека ние граѓаните останавме измамени.

Нешто се смени во местото и улогата на криминалот и корупцијата? Не, ништо не се смени. Се смени името на РМ со Преспанскиот договор, каде кој знае по кој пат ние Македонците во РМ бевме прелажани од нашите несериозни европски партнери и се прекрстивме во Северно-македонци.

Чудно со колкава леснотија, партијата СДСМ влегува во разнебитувањето на нашата македонска посебност.

Почитувани читатели, ние Македонците во сиот наш историски развој сме минувале по многу тежок пат. Ова се моменти кога треба да се сплотиме, без разлика на нашата верска припадност, образование и статус. Имаме едно име,  Македонец, ако и тоа го изгубиме, ние ќе бидеме засекогаш избришани од светската мапа на нации.

ДА ПОКАЖЕМЕ ДЕКА ИМАМЕ „КИЧМА“

Можеби ќе дојде време кога нациите и националното значење нема да имаат толкаво значење во глобалниот свет, меѓутоа денес, посебно на Балканот,  ова е прашање на живот и смрт. Мора да го обзнаниме организационото тело во полн состав на овие протести и секој од нас да не се плаши дека ќе бидe прогонуван од внатрешни и надворешни непријатели.

Време е да покажеме дека имаме „кичма“ и гордо да застанеме на браникот на нашата македонска посебност со јасно искажани црвени линии, ставови, а најнапред да се претставиме со име и презиме.

Време е да почнеме самите да си ја кроиме сопствената иднина. Знаењето, искуството и мудроста мора да бидат суштината на ова организационо ткиво.

Не смееме да дозволиме епилогот од протестите да завршат неуспешно. Појавете се Македонци, не се плашете!

 

Поврзани новости