Потписниците на Повелбата за солидарност на синдикатите и здруженијата за заштита на работничките права ги осудуваат најновите, експресно изгласани измени на законите, што се однесуваат на правото на штрајк во образованието и ја повикуваат Владата најитно да го прекине флагрантното кршење на меѓународно-правните обврски, што таа самата ги има преземено и да им излезе во пресрет на легитимните и скромни барања на македонските просветари.
– Покрај обврските преземени посебно кон Меѓународната организација на трудот, Македонија, на овој начин, ги крши и обврските спрема Советот на Европа, односно обврските преземени со ратификацијата како на Европската социјална повелба така и на Ревидираната европска социјална повелба. Прекршувањето на членовите 4, 5 и 6 од овие две конвенции е до толку потешко, ако се земе предвид дека веќе четири години нема колективен договор во областа на културата (членот 6) или дека во рамките на културните институции постојат разлики во плата за иста работа (членот 4). Легализацијата на штрајкбрехерството во просветната област е исто така отворено прекршување на членот 5 од Европските социјални повелби – се наведува во писмената реакција од ССНМ.
Потписниците на Повелбата за солидарност потсетуваат дека на 1 мај оваа година организираа масовен протест на кој побараа, меѓу другото, ослободување на правото на штрајк од законските стеги! Според нив, ова клучно работничко право, кое е гарантирано со Уставот на Македонија, и пред овие измени било премногу рестриктивно регулирано, а сега дополнително се ограничува преку новите законски одредби.