Проширувањето на Европската унија со земјите од Западен Балкан целосно заглави, само херојската борба на унгарскиот комесар за проширување донесе одреден напредок, а се уште е точно дека на Унијата и се потребни новите земји-членки и нивниот економски моментум повеќе од кога било досега, вели унгарскиот премиер Виктор Орбан во напис на весникот „Маѓар Немзет“.
„Христијанската цивилизација која ја дефинира рамката на нашите животи исчезнува. Во пад е и Европската унија. Глобалната економска тежина на континентот значително и континуирано се намалува во последните три децении. Европскиот поредок испарува пред нашите очи – трајна закана од тероризам, ја нарушува јавната безбедност.
Способноста на Европа да ги наметне своите интереси во меѓународната политика се повлече – затворање и блокада, војна во соседството. Сето тоа ги доведе европските народи во тешка ситуација, а дополнително на луѓето им беа отежнати и секојдневните услови за живот. Она што го перцепираат европските луѓе: војна, миграција и стагнација наместо мир, ред и развој“, вели Орбан.
Во написот тој се осврнува и на изборите за Европскиот парламент со порака дека во Европа се потребни промени.
„Луѓето во Европа, исто така, јасно ставија до знаење дека се надеваат на промени од десницата. Ова се виде и во резултатите од изборите: наместо левичарски напредок и провојна, луѓето огромно гласаа за партии кои ветуваат промени. Во 20 од 27 земји на Европската унија, победи суверенистичка или десничарска партија која конкретно водеше кампања за ветување за промени“, посочува Орбан.